МФ ја исплати првата граѓанска обврзница и каматата од 5% за втората година
На сметките на 1.448 граѓани, кои на аукцијата објавена во 2023 година запишаа граѓански обврзници се исплатени 1,4 милијарди денари (23,5 милиони евра), износ кој беше запишан во граѓански обврзници и камата за втората година во износ од 72,4 милиони денари (1,2 милиони евра)...

Министерството за финансии изврши исплата на главницата и каматата за втората година од издадената прва Граѓанска обврзница. На сметките на 1.448 граѓани, кои на аукцијата објавена во 2023 година запишаа граѓански обврзници се исплатени 1,4 милијарди денари (23,5 милиони евра), износ кој беше запишан во граѓански обврзници и камата за втората година во износ од 72,4 милиони денари (1,2 милиони евра).
Првата граѓанска обврзница беше издадена на 13 јули 2023 година со рок на достасување од 2 години и каматна стапка од 5% годишно. Каматата на имателите на обврзници се исплаќаше годишно, односно во јули 2024 година, кога беше исплатен износ од 72,4 милиони денари (1,2 милиони евра) и јули 2025 година исто така износ од 72,4 милиони денари (1,2 милиони евра).
Граѓанската обврзница беше воведена како нов иновативен производ наменет за граѓаните, а со цел унапредување на пазарот на државни хартии од вредност. Министерството за финансии во наредниот период предвидува воведување нови финансиски инструменти, вклучително и понуда на инструменти наменети за граѓаните, а целта е зголемување на квалитетот на понудените инструменти и зголемување на базата на инвеститорите.
Имено, Министерството за финансии издаде 2 емисии на граѓански обврзници во вкупен износ од 41,1 милион евра. Втората Граѓанска обврзница беше издадена на 7 ноември 2023 година во износ од 17,6 милиони евра и доспева во ноември 2025 година.
