Утре нови разговори меѓу Русија и Украина
По двете неуспешни рунди во Истанбул, утре нови мировни преговори меѓу Русија и Украина во Турција. Москва и Киев се на дијаметрално спротивни ставови за тоа, како да се стави крај на војната...

Светот очекува Зеленски и Путин да седнат на маса за постигнување договор за крај на војната во Украина. Но, засега е извесно само дека двете делегации на утрешната нова рунда разговори во Истанбул ќе разговараат за размената на воени заробеници и за враќањето на киднапираните украински деца. Состанокот е закажан, соопшти претседател Зеленски, без да обелодени кои се очекувањата од средбата.
„Разговарав со Рустем Умеров за подготовката за размена на затвореници и за уште еден состанок во Турција со руската страна. Умеров извести дека состанокот е планиран за в среда. По средбата ќе имаме повеќе детали“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.
Франција со силна поддршка за Украина пред утрешната рунда разговори во Истанбул. Шефот на дипломатијата од Киев порача дека поддршката од неговата земја останува силна и непоколеблива. Потенцираше дека одлуката на САД да испратат дополнително одбранбено оружје за Украина е силен сигнал дека Вашингтон ја избрал својата страна.
„Ова нехумано, цинично и сурово насилство нема воена цел. Не е само целта на Владимир Путин да добие предност на фронтот, каде што се среќава со непоколебливиот отпор на украинските вооружени сили. Не, тоа има за цел да ги тероризира цивилите во залуден обид да го поткопа украинскиот морал. Соочена со ваков кукавичлук и навреда, Украина не е сама – тоа е пораката што дојдов овде во Киев да ја пренесам во име на претседателот на Франција. Франција е со Украина да го зголеми притисокот врз Русија и да им обезбеди средства за одбрана на украинците“, изјави Жан Ноел – Баро – министер за надворешни на Франција.
На фронтот продолжува жестоката борба. Нови руски напади врз Одеса. Гранатирањата предизвикале пожари, оштетувајќи станбени згради. Има и повредени.
„Во текот на ноќта, непријателот повторно ја нападна Одеса. Како резултат на нападот избувна голем пожар на паркинг на високата станбена зграда. Гореа десетици автомобили. Оштетени се супермаркет и теретана. Прозорците од зградата беа искршени“, изјави Марина Мартиненко – портпаролка на државната служба за вонредни состојби во Одеса.
Украинските сили, пак, со беспилотни летала нападнаа во московската област и други руски региони.
Маја Стојанова
