Охрид

Затворањето на „Буково“, една од препораките за Охрид да го задржи статусот во УНЕСКО

22.07.2025 12:36

Охрид доби рок од една година да ги коригира недостатоците за да го задржи УНЕСКО статусот – една од најприоритетните препораки е затворањето на депонијата Буково, која постојано се потпалува и претставува вистинска еколошка бомба...

Депонијата Буково го труе Охридскиот регион. Ѓубриштето е постојано во спалена состојба. Обидите за нејзино затрупување со земја се неуспешни поради непристапниот терен. Гаснењето со вода е неефикасно поради присуството на метан, велат активистите. Во тек е постапка, до крајот на годината да се изнајде начин за реанимација на депонијата.

„Општината има обезбедено 50.000 евра со којашто треба да обезбеди фирма којашто ќе изготви техничка документација за реанимација на Буково. И тоа мора да се направи, да се работи паралелно со изградбата над регионалната депонија во Новаци“, вели Драгана Карашова од иницијативата „Збогум Буково“.

Токсичниот чад негативно влијае на здравјето на луѓето, депонијата ја загадува и почвата, воздухот, површинските и подземните води.

„Охригани многу често се жалат во утринските часови и ja чувствуваат миризбата. Иако не чувствуваме како зимно време што чувствуваме, но дури и истражувањето покажа дека нашите деца во училиштата и градинките, летно време се поизложени на токсичен воздух“, додава Карашова.

Буково, како високоризична за животната средина со Националниот план за управување со отпад, но и со препораките на УНЕСКО требаше да биде затворена најдоцна до 2020-та година.

Конечно решавање на проблемот со депонијата се очекува во 2027-ма тогаш е крајниот рок за изградба на регионалната депонија во општина Новаци.

Соња Рилковска