Обвинителство

36 обвинети и 13 спогодби за случајот со лажните инвалидски пензии

22.07.2025 14:16

Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен предлог против 36 лица по спроведена истражна постапка започната кон крајот на април годинава...

Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен предлог против 36 лица по спроведена истражна постапка започната кон крајот на април годинава.

Според доказите, обвинетите се организирале во две криминални групи кои во текот на 2023 година и до април 2024 посредувале и незаконски овозможувале добивање права на туѓа нега и инвалидска пензија, во замена за парични средства. Цената за услугите се движела од 150 до 5.000 евра.

Организаторите и припадниците на групите – меѓу кои се и лекари, адвокат и службени лица од неколку јавни установи – користеле своја службена положба и реално влијание за незаконско издавање на медицински мислења и одлуки во корист на барателите на права. На овој начин, биле заобиколени одредбите од законот за социјална заштита. Во досегашниот тек на постапката, 13 обвинети склучија спогодби со Обвинителството и врз основа на тоа Основниот кривичен суд Скопје изрече пресуди.

Првообвинетата е осудена на казна затвор во траење од три години и шест месеци за кривично дело – злосторничко здружување, давање поткуп и примање поткуп, а на останатите кои се спогодија им е изречена алтернативна мерка – условни осуди на казна затвор од 1 до 2 години.

Јавниот обвинител му предложи на судот на обвинетите да им бидат продолжени веќе изречените мерки на обезбедување – мерка притвор за пет лица и мерка куќен притвор за пет лица, а за останатите мерки на претпазливост.