Димитриеска-Кочоска: Ребалансот ги потврдува нашите заложби за економска стабилност
Повеќе средства за инвестиции на централно и на локално ниво, поддршка на приватниот сектор за нови инвестиции и отворање нови работни места, сигурна и редовна исплата на платите, пензиите и социјални надоместоци се обезбедуваат со Предлог ребалансот на Буџетот за 2025 година...
Повеќе средства за инвестиции на централно и на локално ниво, поддршка на приватниот сектор за нови инвестиции и отворање нови работни места, сигурна и редовна исплата на платите, пензиите и социјални надоместоци се обезбедуваат со Предлог ребалансот на Буџетот за 2025 година којшто од денеска е на дневен ред на пленарна седница.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во експозето по предлог Ребалансот истакна дека клучно со овие измени е што овие средства се обезбедуваат без дополнителен напор и задолжување, односно дека буџетскиот дефицит останува непроменет и е задржан на исто ниво и во апсолутен износ и како процент од БДП.
„Денеска пред Собранието и целата јавност го претставувам дополнетиот Ребаланс на Буџетот за 2025 година, којшто ги задржува нашите основни политики за макроекономска стабилност, развој и фискална консолидација. Документ кој ги потврдува нашите заложби за економска стабилност, развој и одговорно управување со јавните финансии и претставува продолжување на насоката што веќе дава резултати – а тоа се позитивните трендови во економијата“, рече министерката.
Според министерката предложениот ребаланс е потврда за домаќинско работење на Владата. „Сервисираме стари обврски, стари долгови кон странство, обезбедуваме раст на платите, раст на пензиите, поддршка на економијата, а при тоа имаме намалување на буџетскиот дефицит во споредба со минатата година, и од таа определба и јас како министер за финансии и Министерството за финансии не отстапуваме“, наведе Димитриеска-Кочоска.
Таа потенцира дека со ребалансот се обезбедуваат и повеќе средства за проектите кои имаат забрзана динамика и кои носат развој, како и искористувања на средствата од претходните години кои стојат на посебните сметки.
Со ребалансот, како што посочи министерката, проекцијата за раст останува непроменета на ниво од 3,7% и таа се темели на досегашните остварувања, а клучен очекуван двигател ќе бидат бруто инвестициите.
„Политиките се креирани да одговорат на предизвиците од случувањата на глобален план. Не можеме да игнорираме она што се случува во светот особено кај нашите најголеми трговски партнери. Затоа и сме насочени кон политики кои ќе ја одржат стабилноста на домашната економија на домашните компании.
Поддршка на домашните компании со евтини кредити, поддршка на домашната економија преку реализација на општински проекти, поддршка на домашната економија со реализација на најавениот инвестициски циклус и проекти со стратешките партнерства што ги имаме и на билатерално ниво и со меѓународните финансиски институции“, рече министерката.
Со предложениот ребаланс вкупните приходи се проектирани на 362,4 милијарди денари, што е зголемување од 1% во однос на иницијалниот план. Вкупните расходи се планирани на ниво од 403,7 милијарди денари, што е зголемување за околу 1%, повеќе во однос на иницијалните проекции. Буџетскиот дефицит останува непроменет – 41,3 милијарди денари или 4% од БДП.
Со предложените измени на расходната страна е извршено реалокација на средства помеѓу буџетски корисници на неопходните расходни позиции, обезбедени се дополнителни средства за проекти од област на животната средина, поддршка во енергетиката, културата и образованието, здравството за набавка на инсулин и медицинска опрема преку проширување на сметките на сопствените приходи, дообезбедени се 1 милијарда денари средства за непречена исплата на плати, пред сè наменети за финансирање на зголемените плати за 10% за вработените во Министерството за внатрешни работи, 2,5 милијарди денари за Фондот за ПИОМ за исплата на зголемените пензии и транзициски трошоци, како и 1 милијарда денари за капитални расходи кај институции за проекти со поинтензивна реализација, пред сè во Министерството за одбрана.
Капиталните расходи се проектирани на 47,4 милијарди денари, што претставува 11,7% од вкупните буџетски расходи и 4,6% од БДП.
Дебатата по предложениот ребаланс на Буџетот за 2025 година во Собранието согласно Деловникот трае до 5 дена.
