СДСМ вечерва одлучува за идните чекори

20.08.2014 13:37

За враќањето на пратениците во Собранието останува барањето на СДСМ за формирање на техничка влада шест месеци пред терминот за наредните парламентарни избори...

Членовите на Централниот одбор на СДСМ денеска ќе разговараат за понудата на власта за враќање на пратениците од опозицијата во Собранието на Република Македонија или за конечното дефинирање на стратегијата за вонинституционално дејствување.

За враќањето на пратениците во Собранието останува барањето на СДСМ за формирање на техничка влада шест месеци пред терминот за наредните парламентарни избори.

Според информациите, не се исклучува можноста за нови лидерски средби од септември. Ако се суди според изјавите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, засега е исклучена варијантата за враќање на избраните опозициски пратеници во парламентот без претходен договор со власта.

Досега само две пратенички од СДСМ не се согласија со партискиот став за целосен бојкот на работата на собранието, а не се исклучува можноста на Буралиева и на Грчева во наредниот период  да им се приклучи уште некој пратеник.

На централниот одбор се очекува да се разговара и за постапките на Љубица Буралиева и Солза Грчева и според информации од СДСМ, можно е нивно исклучување од партијата.