Усвоен ребалансот на Буџетот за 2025
Собранието денеска го усвои Предлогот за ребаланс на Буџетот за 2025 година, што претставува одраз на одговорно и флексибилно управување со јавните финансии во услови на динамични економски предизвици...

Собранието денеска го усвои Предлогот за ребаланс на Буџетот за 2025 година, што претставува одраз на одговорно и флексибилно управување со јавните финансии во услови на динамични економски предизвици.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, изрази благодарност до пратениците за конструктивната расправа, која уште еднаш покажа дека сите работиме во интерес на граѓаните и стабилноста на економијата.
Со усвојувањето на ребалансот се овозможува реалокација на средства меѓу буџетските корисници во согласност со актуелните приоритети, како и дополнително финансирање на проекти кои имаат забрзана динамика на реализација и носат значајни придобивки за развојот на земјата. Во оваа насока, се обезбедени дополнителни средства за области како што се животната средина, енергетиката, културата, образованието и здравството, со посебен акцент на набавка на инсулин и медицинска опрема.
Исто така, преку ребалансот се обезбедени и средства за зголемување на платите за вработените во Министерството за внатрешни работи, како и средства за исплата на зголемените пензии преку Фондот за ПИОМ. Министерката истакна дека економската проекција за раст останува на 3,7%, што се темели на досегашните остварувања и се очекува да биде поддржана од инвестициите, кои се главен двигател на економијата.
Ребалансот исто така ја потврдува заложбата за стабилност на домашната економија преку поддршка на домашните компании преку евтини кредити, реализација на општински инфраструктурни проекти, како и имплементација на инвестициски циклуси и проекти со стратешките партнери, како на билатерално, така и на мултилатерално ниво.
Во состав на ребалансот, предвидени се дополнителни 800 милиони денари за зголемување на плати, 2,5 милијарди денари за исплата на зголемени пензии, нови 300 милиони денари за капитални проекти. Исто така, се вклучени и амандманите усвоени во Комисијата за финансирање и буџет, со кои се обезбедуваат дополнителни средства за инфраструктурни проекти, социјални надоместоци и образовни програми.
Станува збор за дополнителни 6 милиони денари за проектна документација за нова сообраќајница во општина Куманово во Буџетот на Министерството за транспорт, дополнителни 50 милиони денари за исплата на социјални надоместоци во буџетот на Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и 5 милиони денари за Универзитетот „Гоце Делчев“ во Буџетот на Министерството за образование и наука.
„Секоја ставка во овој ребаланс е заснована на реална потреба и на анализа на ефектите. Тоа не се трошоци, туку инвестиции во општествена стабилност, човечки капитал и инфраструктура“, рече Димитриеска-Кочоска.
Министерката посочи и дека инфлацијата и ценовните притисоци се сериозен предизвик, но дека државата одговорила со јасни и навремени мерки.
„Во услови на инфлаторен удар, не заостанавме со ниту една обврска кон граѓаните. Пензиите, платите и социјалните трансфери се исплаќаат навремено. Тоа е одговорност, не популизам“, подвлече таа.
Во однос на обвинувањата за „предизборен поткуп“, министерката истакна дека ребалансот е дел од редовна фискална
Таа порача дека државата не смее да биде ставена „во мирување“ поради политички калкулации, и додаде дека е важно да се зборува со факти и визија, а не со сензационализми.
Во делот на задолжувањето, министерката потенцираше дека се работи за одговорно задолжување на домашниот пазар, со поволни услови, насочено исклучиво кон развојни проекти и капитални расходи. Таа нагласи дека јавниот долг е стабилизиран и управуван согласно фискалната стратегија, а сите обврски се сервисираат навремено.
„Овој ребаланс е изработен со фокус на реалноста, на граѓаните, на потребите на економијата. Тој е дел од визија за развој, не за застој. Тој не е совршен, но е нужен, искрен и одговорен обид да се управува со јавните финансии во една предизвикувачка година“, заклучи министерката Димитриеска-Кочоска.
