Украина

Нова рунда преговори Киев – Москва во Истанбул

23.07.2025 10:13

Делегации на Украина и Русија на нова, трета рунда разговори во Турција. Ставовите познати, Кремљ не отстапува од позициите и целите, Зеленски бара директна средба со Путин. На фронтот и натаму беснеат битки. Ситуацијата особено е тешка во правец на Покровск. Украинскиот претседател пред нов предизвик, протести избувнаа во поголемите градови против законот со кој се ограничува моќта на антикорупциските органи...

Нова рунда преговори меѓу Киев и Москва во Истанбул. Од Кремљ велат дека не очекуваат значителен напредок, а Русија не отстапува ниту од позициите ниту од првично поставените цели. Зеленски повторно предложи директна средба со рускиот претседател Путин и најави нови договори за зајакнување на капацитетите на Украина.

„Нашата задача е да работиме кон прекин на огнот. Ова е она што целиот свет и го кажува на Русија. Нашата задача е да организираме состанок на лидерите. Ова е она што може да го приближи мирот. Украина никогаш не сакала војна, а Русија мора да се стави крај на оваа војна што ја започна“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Украина и Русија одржаа два состанока во Турција, на 16 мај и 2 јуни, што доведе до размена на илјадници воени заробеници и загинати војници.

„Русија го користи форматот за да го одложи времето за да не се интензивираат санкциите. Кога трпението на американскиот претседател Трамп ќе се исцрпи и ќе биде принуден да преземе акција, разговорите во Турција ќе станат јасни“, став на украински аналитичари.

„Неопходно е да се разбере дека истанбулскиот формат не е класично преговарање, туку повеќе е како консултации за започнување преговори. Русите сакаат да го гледаат како преговори и затоа велат дека постојат јасни директиви, меморандум итн. Украинската страна тврди дека преговорите можат да се одвиваат само меѓу лидери, бидејќи само Путин одлучува за ова прашање, но самите овие консултации и овој формат продолжуваат како претстава за еден гледач, за Трамп“, изјави Олех Саакијан, украински политички аналитичар.

На фронтот и натаму беснеат битки. Ситуацијата особено е тешка во правец на Покровск и некои други делови од Донецкиот фронт. Украинските власти се соочуваат со нов предизвик. Протести избувнаа во Киев, Лвов, Днепар и Одеса откако Зеленски го потпиша законот со кој се ограничува моќта на антикорупциските органи со цел да се тргне руското влијание.

„Важно е да се бориме против корупцијата за да одат повеќе пари во вооружените сили на Украина. Колку поефикасно владата ги користи нашите ресурси и има помалку корупција, толку повеќе ќе можеме да ги насочиме ресурсите кон нашата одбрана“, изјави Игор Лаченков, активист.

„Гледаме како претседателот на Украина, наместо да биде пример, да биде локомотива на оваа историја на борба и да демонстрира нулта толеранција за корупција, сега ги користи своите ресурси за да ја преземе контролата врз кривичните постапки на неговата придружба“, изјави Олех Симороз, ветеран.

Критичарите велат дека законот ги поткопува овластувањата на Националното биро за борба против корупција и Специјалното обвинителство, ставајќи ги под контрола на главниот обвинител кој е близок на Зеленски.

Маријана Димовска