Европското првенство со нови стандарди на сите нивоа
Европското првенство (ЕП) за фудбалерки што се игра во Швајцарија означува голем чекор напред за фудбалот за жени, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) во пресрет на завршницата на годинашното континентално првенство, во чие полуфинале синоќа играа Англија и Италија...

Од рекордни награди и најсовремена технологија до најголемата програма за спонзорство досега за турнир на УЕФА, Европското првенство (ЕП) за фудбалерки што се игра во Швајцарија означува голем чекор напред за фудбалот за жени, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) во пресрет на завршницата на годинашното континентално првенство, во чие полуфинале синоќа играа Англија и Италија, а вечерва се среќаваат Германија и Шпанија (од 21 часот). Европското првенство не само што носи брилијантни голови и незаборавни моменти туку тоа поставува и нови стандарди на сите нивоа, пишува УЕФА.
Наградниот фонд за ЕП 2025 е 41 милион евра, повеќе од двојно повеќе од 16-те милиони евра што ги добија националните асоцијации на ЕП во 2022 година и пет пати поголем од фондот од осум милиони евра за репрезентациите што се натпреваруваа на шампионатот во 2017 година. Првпат на ЕП фудбалерките ќе бидат наградени за своите настапи. Тие ќе добијат загарантиран дел од наградниот фонд доделен на нивната национална асоцијација, пишува УЕФА.
Покрај рекордниот награден фонд, вкупниот пакет клупски бенефиции се зголеми на девет милиони евра од 4,5 милиони евра во 2022 година. Ова ја прави најплатена програма за клупски бенефиции во фудбалот за жени, пишува УЕФА. Воведена за ЕП 2022 програмата за клупски бенефиции го признава важниот придонес на клубовите во успехот на турнирот и обезбедува надомест за ослободување фудбалери за настап на ЕП.
Пред да почне ЕП 2025 беа продадени 600.000 билети, од кои 35 отсто беа купени од меѓународни клиенти, пишува УЕФА. Рекордната продажба на билети резултира со рекордна посетеност, со 461.582 гледачи што пишуваат историја како дел од најпосетената групна фаза на ЕП за фудбалерки.
Фото:/ UEFA. com
