Нов Здравствен дом во Општина Илинден
Отворена нова амбуланта во Илинден. Ќе се даваат и примарни и секундарни здравствени услуги. Премиерот Мицкоски вели не градиме само објекти, туку доверба и достоинство и нова надеж во македонското здравство.

По половина век, жителите на Илинден ќе можат да се лекуваат во општината каде живеат. Новиот здравствен дом е изграден на местото на старата амбуланта. На 600 квадратни метри ќе има 14 ординации, ќе работат општи лекари и специјалисти, здравствена грижа ќе им се дава на над 30 илјади жители од Илинден и соседната општина, кои повеќе не ќе мораат да патуваат по 20 километри за да добијат здравствена грижа.
„Во овој нов објект, граѓаните ќе добијат квалитетна основна здравствена заштита, но и специјалистички здравствени услуги кои ќе бидат со олеснет пристап и ќе ја намалат потребата од патување на пациентите надвор од општината“, изјави Азир Алиу – министер за здравство.
„Со вкупна површина над 600 квадратни метри објектот е изграден на две нивоа според највисоките современи стандарди. Овој објект може да обезбеди се што му е потребно на еден граѓанин за да добие квалитетна ефикасна и навремена здравствена услуга, тука дома во срцето на Илинден“, изјави Александар Георгиевски – градоначалник на општина.
Здравствениот дом се гради по барање на жителите. А дел од заложбите на владата се да го обнови и зајакне здравствениот систем во државата – вели премиерот Мицкоски.
„Вкупната инвестициска вредност достигна 25 милини денари, но вредноста на овој е далеку поголема од паричниот износ. Ние не градиме само објекти, градиме доверба, достоинство и нова надеж во македонското здравство“, изјави Христијан Мицкоски – претседател на Владата.
Во изградбата на здравствениот дом во Илинден инвестирани се 16 милиони денари од буџетот на Министерството за здравство и општината. Заедно со придружната инфраструктура, инвестицијата е во вредност од 25 милиони денари.
Андријана Ѓурческа
