Македонија

Гори на неколку локации во земјава, продолжува борбата со огнените стихии

23.07.2025 17:23

Бројот на пожари наместо во надолна, оди во нагорна линија. Во изминатото деноноќие биле регистрирани 40 пожари на територијата на Македонија. Во гаснењето на пожарите, од голема помош се и ер тракторите, како и припадниците на АРМ и вработените од национални шуми. На терен биле пронајдени гуми, кутии, гранки кои се палеле и предизвикале пожари.

Пламените јазици и натаму ги голтаат стрништата, шумите, депониите. Во последното деноноќие изгаснати се 40 пожари, гори на неколку локации во земјава. Битка со огнената стихија кај општините Василево, Берово, Радовиш. Зафатена е и нискостеблеста шума на Малешевските планини. Во гаснење на пожарите изутрина се активирале два Ер-Трактора и седум специјализирани возила на ДЗС, припадници на АРМ, екипи на Национални шуми, ловечки друштва. Екипи на Национални шуми откриле 30 гуми, гранки и кутии кај Алтан врв кај Крива Паланка што е уште еден доказ за подметнати пожари.

Речиси 500 лица се пријавиле на јавниот повик за учество во гаснењето на пожарите. По дводневната обука, ќе се изврши селекција за вработување како пожарникари. Ќе се формира и специјална единица на ДЗС. 24 000 денари ќе добијат сите оние кои се пријавиле, а оние пак. кои ќе се вработат, не пониска од 40.000 денари, вели – директорот на ДЗС Ангелов.

На 112 да се пријават сите сомнителни лица. Сопствениците на викендичките во напуштените села да ги исчистат дворовите и да ги заораат, за да го отежнат проширувањето на огнот. Од странство не можеме да очекуваме помош бидејќи и тие се справуваат со исти предизвици, велат надлежните.

Александра Велинова