Охрид

Експертите загрижени поради загадувањето на Охридското Езеро

24.07.2025 17:33

Моќта на Охридското Езеро да се самопрочистува придонесува ова наше природно благо сè уште да се вбројува помеѓу најчистите на планетата. Сепак експертите апелираат што поскоро да се исфрлат од употреба моторните чамци кои користат нафтени деривати, бидејќи му нанесуваат штети на екосистемот. Воедно бараат ставање крај на сите црни точки кои предизвикуваат еколошко загадување на најголемиот басен со питка вода во Европа. И покрај се езерската вода долж охридското крајбрежје е безбедна за капење.

Моторните пловни објекти кои масовно се користат во текот на летната туристичка сезона нанесуваат големи штети на животната средина. Според експертите од Хидробиолошкиот Завод од Охрид нивната употреба предизвикува не само физички, туку хемиски и биолошки промени што негативно влијаат врз живиот свет во Охридското Езеро. Поради тоа експертите бараат во иднина да се користат чамци кои ќе користат еколошка енергија за нивно придвижување.

„Хемиските промени доаѓаат поради тоа што се користат тип на горива коишто предизвикуваат нарушувања, меѓутоа исто така со средствата за чистење, средствата за одржување на пловните објекти, испуштање на масла во водната средина, сето тоа предизвикува нарушување и секако оние на крај последици коишто се биолошки, односно промени во начинот на однесување на живите организми“, Орхидеја Тасевска – директорка на Хидробиолошки Завод Охрид.

Загадувањето од моторните чамци е само дел од проблемите, бидејќи со децении наназад реките што се влеваат во езерото со себе носат големи количини отпадни води.

„Реките Коселска, Велгошка коишто оставаат последици врз животната средина затоа што дел од нив поминуваат низ аграрни површини, исто така поминуваат низ населени места каде што не е решен проблемот со отпадните води и за жал дел од тие отпадни води се влеваат директно во речните корита, а понатака завршуваат во главниот рецепиент, односно Охридското Езеро“, изјави Орхидеја Тасевска – директорка на Хидробиолошки Завод Охрид.

Среќна околност е тоа што езерото се самопрочистува, за што потврда се јулските резултати од анализите на охридскиот Центар за јавно здравје кои покажуваат дека езерската вода долж приобалниот дел од крајбрежјето е од прва и втора категорија, што значи дека е безбедна за капење, рекреација и спорт.

 

Сашо Нелоски