Украина

Напади по Истанбул, Украина повторно на мета

24.07.2025 15:35

Нови напади во Украина, неколку часа по третата рунда разговори во Истанбул која заврши со договор за нова размена на затвореници и цивили. Киев вели дека е подготвени за прекин на огнот, Москва побара краткорочни прекини на борбите од 24 или 48 часа. Во поголемите украински градови продолжија протестите против зголемените овластувања на државниот обвинител...

Со беспилотни летала Русите извршија масовен напад врз Одеса. Оштетени се станбени згради, пазар и историски центар под заштита на УНЕСКО. Нападнат е и Черкаси, град во централна Украина. И Москва нотира напади со беспилотни летала во познатото руско одморалиште Сочи.

„Она што се случи денес овде е едноставно исмејување на сеќавањето на нашите родители, нашите баби и дедовци и оние луѓе што се закопани овде. Не можам да смислам начин да ги опишам овие луѓе што даваат наредби да се пука на овие места. Можеби целеле кон алејата на хероите, која е на 50 метри оттука“, изјави Анатолиј Бондаренко, градоначалник на Черкаси.

Нападите следат на неколку часа од третата рунда мировни преговори во Истанбул меѓу Киев и Москва на која страните се согласија за размена на воени затвореници и цивили. Шефот на украинската делегација, уверува дека Украина е подготвена за примирје и ја повика Русија да покаже конструктивен и реалистичен пристап.

„Украина продолжува да инсистира на целосен и безусловен прекин на огнот како неопходна основа за ефикасна дипломатија. Ние сме подготвени за прекин на огнот и да почнеме суштински мировни преговори. И од другите страни зависи да го прифатат овој основен чекор кон мирот“, изјави Рустем Умеров, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина.

Шефот на руската делегација потврди дека Русија и предложила на Украина да размисли за краткорочни прекини на огнот од 24 или 48 часа со цел евакуација на ранетите. За бараната средба Зеленски – Путин вели дека ќе се случи само ако треба нешто да се потпише.

„За да се одржи ваков состанок потребно е однапред да се разработат условите на договорот, да се разбере што да се дискутира на овој состанок, и всушност, на овој состанок е потребно не да се дискутира договорот, туку да се стави точка, да се потпише. Знаете, како што велиме, крајот ја крунисува работата. Средба за повторно да се разговара за сето ова од нула нема смисла“, изјави Владимир Медински, шеф на руската делегација.

На фронтот продолжија борбите, а во поголемите украински градови протестите против зголемените овластувања на државниот обвинител. Зеленски вели дека е свесен за критиките но уверува дека промените се со цел зајакнување на владеењето на правото.

„Се согласивме дека раководителите на овие институции заеднички ќе предложат акционен план – план од конкретни чекори што можат да го зајакнат владеењето на правото во Украина. Секако, сите слушнаа што луѓето велат овие денови. Ги анализиравме сите загрижености, сите аспекти на тоа што треба да се промени и што треба да се засили“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, побара итно објаснување од Зеленски, за новиот закон и нагласи дека владеењето на правото и борбата против корупцијата се основни вредности на ЕУ и тука нема компромиси.

 

Маријана Димовска