Градинките приспособени на високата температура
Денеска температурите го достигнуваат максимумот, најавени 43 степени, затоа постојано до вас имајте чаша вода, носете лесна облека, јадете лесна храна и не излегувајте доколку немате потреба сепак, за оние што не користат годишен одмор ова е само обичен работен четврток. А екипата на Македонската телевизија уште од изутрина излезе на терен за да види како функционираат градинките во ек на климатска криза …

Управата за хидрометеоролошки работи предупреди дека топлотниот бран денеска ќе го достигне максимумот со над 40 степени.
Топлото ветре, речиси незабележливо како вклучен фен дополнително создава проблем.
И статистички најтоплиот четврток е работен ден, родители утрово ги носеа своите деца во градинка групите намалени, активностите прилагодени на топлото време. Најмалите во разладени простории, со вода на дофат и лесни оброци. Градинките прилагодени на жешкото време.
За појадокот лепче со мармалад и чаша млеко. За ужинка праска. Додека сонцето не почнало да пече, децата го користат последниот час за игра во дворот на градинката.
Сонцето не смее да биде пречка за среќата на најмалите. Родителите добиваат совет децата да бидат полесно облечени.
„Моето дете не се жали за вода, редовно даваат, редовно пие“, рече анкетиран родител.
„Летно време им даваат повеќе вода да пијат. И деца што не бараат да пијат вода учителките ги тераат да пијат“, изјави друг.
„Мислам дека се добро згрижени децата, добиваат доволно течности. Имаме напомена какви пижамчиња да им ставиме на децата, да се доволно тенки“, рече родител.
„Децата не се испотени, среќни се, супер е“, додаде друг.
Менито во градинките прилагодено на топлото време, лесни оброци, збогатени со овошје и зеленчук . Се поставуваат бокали со вода за честа хидрација на децата.
„Летното мени кое се подготвува во градинката содржи многу течности. И за време на појадокот децата внесуваат течности, за време на првата и втората ужинка и настојуваме децата самостојно да пијат вода секогаш кога сакаат. Но кај помалите групи, поставуваме бокали со вода, каде гога ги гледаат и им се на дофат почести се хидрираат. Ги потсетуваат дека треба повеќе течности да внесуваат“, изјави Атинула Ничова – директорка на градинката „Срничка“.
Со денови температурата го надминува 40 степен, како да се издржи на жешкото е предизвик и за возрасните и за децата.
Летото во градинките бара повеќе внимание, трпение и љубов што не се мери во степени. Најголем предизвик е да се обезбеди доволно интересен престој во затворено за да се избегне високата температура.
Андријана Ѓурческа
