Судир на границата меѓу Тајланд и Камбоџа
Ескалираа вооружените судири меѓу Тајланд и Камбоџа на спорниот дел од нивната заедничка граница. По неколку недели тензии и дипломатски притисоци Тајланд го повлече амбасадорот од Камбоџа, откако претходно петмина тајландски војници беа повредени од противпешадиска мина. Двете страни се обвинуваат за тоа кој прв ги почнал нападите...

Нарушен кревкиот мир меѓу Тајланд и Камбоџа. На шест локации на спорните точки по должината на граничната линија избувнаа меѓусебни судири. Има загинати и повредени. Двете страни со заемни обвинувања за почеток на конфликтот. Тајланд ја повика Камбоџа да запре со прекуграничните напади, предупредувајќи дека се подготвени за интензивирање на воените напори во спречувањето на прекршувањата.
„Кралската тајландска влада е подготвена да ги интензивира мерките за самоодбрана доколку Камбоџа продолжи со својата агресија и кршење на суверенитетот на Тајланд“, изјави Никордеј Баланкура – портпарол на тајландското МНР.
Тајландски авион бомбардираше воени цели откако камбоџиската војска распореди тешко оружје и ракети на границата. Властите во Бангкок обвинуваат за напад на нивна воена база, велат дека е предизвикана и шета на цивилни домови и јавни објекти во покраината Сурин.
„Камоџиската војска отвори оган спроти базата, приближно 200 метри источно од храмот Та муен, принудувајќи ја тајванската страна да возврати со оган. Ситуацијата ескалираше ширејќи се и на други области по должината на границата. Пријавени се шест конфликтни зони“, изјави контраадмирал Сурасантконгсири – портпарол за војската на Тајланд.
Министерството за одбрана на Камбоџа тврди дека воени авиони фрлиле две бомби на нивна територија, остро осудувајќи ја, како што ја нарекоа, неодговорната и брутална воена агресија на Тајланд насочена против суверенитетот и територијалниот интегритет на Камбоџа. Кина изрази длабока загриженост за вооружените судири меѓу Тајланд и Камбоџа.
„Длабоко сме загрижени за актуелните случувања и се надеваме дека двете страни ќе го решат проблемот преку дијалог и консултации. Имајќи ги предвид заедничките интереси и аспирации на земјите во регионот, кина застапува фер и непристрасен став, ќе продолжиме да инсистираме на мировни преговори за деескалација на состојбата“, изјави Гуо Џиакун – портпарол на кинеското МНР.
Повеќе од еден век, Тајланд и Камбоџа меѓусебно го оспоруваат суверенитетот, спорни се неколку необележани точки на 817-километри долгата гранична линија. Тензиите повторно се разгореа во мај годинава по убиството на камбоџански војник при кратка размена на оган, по што следуваше голема дипломатска криза.
Маја Стојанова
