Локални избори

Продолжуваат партиските калкулации за локалните избори

24.07.2025 14:38

Се вжештува атмосферата пред локалните избори. Во Чаир е можно соочување Османи – Меџити. „Вреди“ сè уште треба да ја донесе конечна одлука, ДУИ во гласањето гледа референдум за европската иднина на државата.

Вицепремиерот Изет Меџити не исклучува негова кандидатура од Влен за градоначалник на Чаир како противкандидат на Бујар Османи од ДУИ. Вели дека треба да се почека да се официјализира наредната недела кога ќе бидат претставени кандидатите за другите општини и за градот Скопје.

Според Меџити најнормално владините коалициски партнери ќе се поддржуваат меѓусебно за одредени општини како што и опозициските партии ќе го сторат тоа.

Опозициската ДУИ пак тврди дека претстојните локални избори не се само натпревар за управување со општините, туку се политички референдум за стратешката иднина на државата и за нејзината ориентација кон европското семејство.

Овие локални избори се моментот кога се одлучува не само за улиците и училиштата во општините, туку и за патот по кој ќе тргне самата држава: патот кон Европа или патот кон мрачен и опасен источен правец. Секој глас на овие избори е глас за ориентацијата и иднината на државата“, велат од ДУИ.

Демократската обнова на Македонија со остра реторика се спротивставуваат на практиката на владејачкото мнозинство, но и на опозицијата, како што велат што од една страна издвојува милиони евра за невладини организации, а од друга страна ги блокира демократските механизми што би им овозможиле на граѓаните вистинско политичко учество. Откако извисија, независните граѓански иницијативи преку нови партии ќе учествуваат на локалните.

Сега за сега е јасно дека во битката за главниот град ќе се соочат актуелниот градоначалник на Кисела Вода од ВМРО- ДПМНЕ Орце Ѓеоргиевски и кандидатката на СДСМ, Каја Шукова.

 

Фиљана Кока