Македонија и натаму гори
Екстремно топло време во Македонија, со температури до 43 степени. Владата препорачува работа од дома и ослободување на бремените и постарите лица од 60 години. Но високите температури се ризични и за храната која ја купуваме и приготвуваме. На пазарите, најголем дел од зеленчукот и овошјето завршуваат во корпа, бидејќи се расипуваат. Александра Спировска направи обиколка низ главниот град.

Во 9 изутрина бевме на скопско пазарче, а таму и пазарџиите и купувачите веќе беа без енергија. Тешко издржува и храната на тезгите, во услови на климатска криза, повеќе се фрла, отколку што се продава, велат пазарџиите.
Колабирања и мозочни удари се почести деновиве. и ранобудниците кои сакаат да го надитрат сонцето деновиве играат руски рулет. Во вакви услови препораки не се доволни, велат лекарите, според нив, мора да има задолжителни мерки.
Бремени и лица над 60 години да останат дома, препорачува Владата до работодавачите.
Пикот на топлотниот бран е денеска и утре, а од недела е најавен пад на температурите и дожд.
Ги преживуваме најжешките денови во годината и ништо друго не ни преостанува освен да ги почитуваме препораките од Министерството за здравство а тие се, од домот да не се излегува од 11 до 17 часот. Ако навистина има потреба да се излезе, задолжителна е светла облека, да се пијат многу течности, но не зашеќерени пијалаци и алкохол, а хронично болните да ја земаат препишаната терапија.
Александра Спировска
