Палестина

Франција ќе ја признае Палестина, Израел и САД остро реагираа

25.07.2025 12:59

Пробен балон или цврста одлука на францускиот претседател Макрон за признавање на Палестина на септемврискиот Самит на Обединетите нации во Њујорк? Опозициската лидерка Ле Пен веднаш реагираше-тоа значи признавање на државата на Хамас. Позитивни сигнали пристигнуваат и од Лондон, но Даунинг 10 не одреди датум поради територијалниот суверенитет на Палестина. Поттик за ескалација на тероризмот, остра реакција на Тел Авив. Голготата на Палестинците со постојаното изгладнување во Газа поради блокираната хуманитарна помош не запира.

„Согласно со историската посветеност за праведен и траен мир на Блискиот Исток, решив Франција да ја признае државата Палестина. Официјалната декларација ќе ја објавам на Генералното заседание на Обединетите нации во септември.“, изјави Емануел Макрон-претседател на Франција.

Се поместија коцките, откако францускиот претседател го стори неочекуваното. Побара и итен прекин на огнот, ослободување на заложниците и хуманитарна помош за Газа. Испрати и писмо до шефот на непризнаената палестинска држава, Махмуд Абаз за мир меѓу Израелците и Палестинците. Покрај опозиционерката Ле Пен, која потегот на Макрон го оквалификува како поттик на тероризмот, остра реакција пристигна и од официјален Вашингтон. Во Катар, Американците предводени од емисарот Виткоф и Израелците, ги напуштија преговорите за примирје во Газа.

„САД го отфрлаат планот на Макрон за признавање на палестинската држава на Заседанието на Обединетите нации. Оваа неодговорна одлука им служи единствено на пропагандата на Хамас, а не на мирот. Тоа е шлаканица во лицето на жртвите од 7 октомври“, изјави Марко Рубио – државен секретар на САД.

Темна дамка во француската историја, Париз на страната на тероризмот, критика до шефот на Елисејската палата од израелскиот заменик-премиер Левин. Во Париз поддршка и резерва за Макрон од проарапските заедници, во Израел насилни протести за запирање на војната.

„Ова е за поздравување, само не е од сè срце зашто сè уште ништо не е сторено“, изјави Иман Марифи-медицинска сестра.

„Добро е, но може се да остане само на овозможена помош и на санкции за израел“, изјави Јасир Самир-студент.

„Се надевам на крај на војната и формирање нова влада, која ќе ни донесе мир нам и на Палестинците“, изјави Шон Брешев-Евреин, претприемач.

„Колку што подолго трае војната, толку повеќе им служи на преживувањето на владата и на премиерот. Да се ослободат сите заложници“, изјави СиванЕврејка.

Во Лондон, итен состанок на Стармер, Макрон и Мерц за хуманитарната катастрофа каде што гладта коси меѓу жителите на Газа. Палестина до сега ја признале 142 држави во светот, но во Обединетите нации има статус на постојан набљудувач.

 

Зоран Богатинов