Оставката на претседателката на Антикорупциска доставена до Собранието.
Првата антикорупционерка Татјана Димитровска во Собранието поднесе оставка на функцијата. Оставката поднесена, собранието на потег-ќе одлучува кој ќе ја замени. За поднесените обвиненија против неа, одбраната тврди – не оддала службени тајни, седниците биле пренесувани на Јутјуб...

Првата антикорупционерка Татјана Димитровска во Собранието поднесе оставка на функцијата. Нема образложение за нејзиното заминување освен повикување на членот 14 од Законот за спречување на корупцијата со која се опфатени случаите кога престанува функцијата. За да поднесе оставка била советувана од нејзиниот адвокат, Владимир Туфегџиќ. Со ваквиот чекор посочува адвокатот ќе се создаде нормален амбиент за понатамошно водење на постапката. За обвинението против Димитровска, адвокатот смета дека е проблематично по повеќе основи.
„Споделените информации немаат карактер на службена тајна од причина што станува збор за одлуки донесени во 2022 и 2023 година, водени транспарентно и јавно при што седниците се пренесувани на Јутјуб каналот со претходно информирање на медиумите и одлуките се достапни на веб-страницата на ДКСК“, адвокат Владимир Туфегџиќ.
За безбедносниот сертификат ставот на адвокатот Туфегџиќ е дека тестот е формална, а суштинска е проверката од АНБ, а ненамерен пропуст не значи инкриминација или обележје на кривично дело. Најавува дека ќе бара раздвојување на двете постапки.
Оставката на Димитровска е веќе архивирана во Собранието кое на една од наредните седници ќе ја констатира, по што ќе треба да се избира нов претседател на Антикорупциската комисија. Од Собранието велат дека ќе се постапи согласно со предвидените процедури.како и во изминатиот период до изборот на прв човек на ДКСК комисијата ќе функционира со еден член помалку.
Членовите на комисијата претходно преку соопштение рекоа дека оставаат на моралот на Димитровска дали таа сама ќе се повлече од функцијата., за Татјана Димитровска, од страна на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, се прават и дополнителни проверки дали претставува безбедносен ризик, по што ќе се одлучува дали нејзиниот безбедносен сертификат ќе биде и одземен. Засега нејзиниот документот за доверливи информации е повлечен.
Миле А. Ристески
