Скопје

62 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје

26.07.2025 10:01

Разорен земјотрес го уништи Скопје за 20 секунди. Над 1.000 жртви, повеќе од 3 илјади повредени, 200.000 луѓе без покрив над глава. Скопје денес ја одбележува 62-годишнината од катастрофалниот земјотрес кој ја разурна скоро третина од тогашната македонска престолнина...

Скопје, 26 јули 1963 година 5:17 часот – дваесет секунди што ја променија историјата на еден град. Разорен земјотрес го уништи Скопје за 20 секунди. Над 1.000 жртви, повеќе од 3 илјади повредени, 200.000 луѓе без покрив над глава. Скопје денес ја одбележува 62-годишнината од катастрофалниот земјотрес кој ја разурна скоро третина од тогашната македонска престолнина. Од пепелта на катастрофата до симбол на солидарноста, Скопје не заборава.

Оваа трагедија, иако разорна, стана симбол на меѓународната солидарност. По апелот на Меѓународниот црвен крст, многу земји се приклучија со донации на храна, материјали и финансиска помош. Обединетите нации презедоа активности за планска и долгорочна обнова на Скопје. На 23 септември 1963 година, 35 земји побараа Генералното собрание на ОН да го вклучи Скопје на дневен ред. 

На 27-ми септември беше донесена одлука за приоритетна помош за Скопје, а на 14-ти октомври беше изгласана резолуција за поддршка на реконструкцијата на градот. Тогаш, повеќе од 20 земји од сите континенти зборуваа за трагедијата и значењето на помошта. Во чест и сеќавање на жртвите, во Музејот на град Скопје отворена трајна изложба насловена „Скопје за време на земјотресот и потоа“, посветена на трагедијата и на периодот на обновата што следеше.