Успешна социјална превенција за граѓаните во руралните средини

20.08.2014 14:33

Продолжува реализацијата на проектот на министерството за труд и социјална политика „Отворени социјални денови во руралните средини“.

Од септември, стручни тимови ќе им помагаат на граѓаните кои живеат во руралните средини, а се во социјален ризик, кои поради најразлични причини досега не стигнале до одредена парична помош и парично право и услуга од системот на социјална и детска заштита.

Министерот Спасов информира дека завршија првите две етапи и дека во прва фаза се посетени 662 населени места, а во втората фаза биле посетени 480 населени места во 74 општини ширум Македонија.

„На информативните разговори за правата и услугите од социјална заштита како и давање информации за услуга кои се обезбедуваат од други институции беа опфатени и посетени 6898 граѓани. Од нив 467 граѓани веќе остварија право на социјална заштита, остварија редовна финансиска помош, добија соодветна услуга која ќе им помогне да го надминат ризикот со кој се соочуваат. Токму ова е показател за успешноста на проектот, да се помогне на голем број на граѓани на кои им следува помош согласно закон, а досега не ја остварувале“, рече министерот Спасов.

Спасов најави дека следува продолжување на проектот, од месец септември. Ќе се посетат нови рурални средини и повторно ќе се посетат оние каде има потреба.

„Продолжуваме со превземање на мерки и активности на социјална превенција во насока на спречување ризици, рано откривање и ран третман на граѓанинот изложен на социјален ризик, како и воспоставување координирана соработка меѓу општините и центрите за социјална работа во поглед на поголема достапност на системот на социјална заштита“, рече министерот Спасов.