Скопје

Сведоштва за разорниот земјотрес од 1963 година во Скопје

26.07.2025 18:13

26 јули 1963-та година, 5 часот и 17 минути – Скопје се разбуди под урнатини. Од тогаш градот не е ист. Во една од најголемите трагедии во својата историја, за 20 секунди животот го загубија над илјада луѓе и тројно повеќе беа повредени. „Пискотниците на Железничката станица ќе живеат со мене додека сум жив“ – велат живите сведоци …

Времето на часовникот покажува 5 часот и 17 минути, моментот кога пред 62 години разорен земјотрес го разруши Скопје. 1.070 граѓани ги загубија своите животи а 3.000 беа повредени.

Како да беше вчера, не можам да го заборавам тој ден, ќе ми остане во сеќавања додека сум жив, вели Раде Макеларски, кој тој 26-ти јули имал само 11 години. Се сеќавам на пискотниците и паничниот обид на мојот татко да не изнесе од станот во Црниче мене, мојот брат и мојата мајка вели. Бидејќи е Црниче на брдо, погледот на Скопје беше трагичен. Еден облак од прашина, комплетно разурнато. Иако бевме деца, тогаш ги сфативме катастрофалните последици.

Потоа помош пристигнала од целиот свет кој се солидаризираше да ни помогне во најголемата трагедија што не снајде вели Раде. Американци изградиле хангари како импровизирани училници со ќумбиња на дрва, за образовниот процес да продолжи непрекинато. Денес, 62 години по трагедијата, се шегува дека новите потреси во Скопје не го погодуваат многу бидејќи живее во куќа.
Да не се заборави и да не се повтори. Во разорниот земјотрес од 1963 година загинаа 1.070 граѓани, меѓу кои 162 деца, а со земја беа срамнети 15.800 домови.

 

Александра Спировска