Топло време

Температурата го достигна пикот ова лето

26.07.2025 15:12

Пеколното време денеска го достигнува врвот. Живата на термометарот официјално ќе стои на 43 степени целзиусови. Од утре се очекува пад на температурата. Скопјани брзаа рано наутро да ги завршат обврските и да се скријат под ладовина...

Македонија го живее најтоплиот ден. на сонце не се излегува, на жешкиот асфалт тешко се дише. Живата на термометарот достигна 43 степени, највисоки измерени ова лето. Африканскиот топлотен бран што ја зафати државата ќе се задржи до утревечер. Скопјани уште од изутрината побрзаа да ги завршат обврските, велат – со жештината тешко се справуваат .

Во текот на изминатата работна недела – тимовите на итната медицинска помош секојдневно интервенираше поради колапси на јавни места. На помош беа и волонтерите од црвениот крст кои делеа вода и им помогнале на 27 граѓани кои биле дехидрирани или имале проблем со крвниот притисок. Седумина транспортирале до дома.

„Од тие 27 претежно беа лица од трета доба, кои се нашле на автобуските постојки или на пазарите каде циркулираат мобилните тимови. Се работеше за потреба од вода, дехидрираност исто така имаше пад на крвниот притисок, немаше посериозни интервенции. Имаше и седум транспорти до дома, бидејќи лицата побараа од нас да бидат однесени до нивниот дом“, изјави Сузана Тунева Пауновска – државен секретар на Црвен крст.

Една од најранливите групи на овие екстремно високи температури се и бездомните лица. Од Црвениот крст велат – пунктот во Момин поток работи секој ден и имаат дежурни мобилни тимови за време на викендот .

Граѓаните ќе можат да здивнат дури утревечер, за кога метеоролозите најавуваат пониска температура. Дотогаш лекарите предупредуваат да се почитуваат препораките за заштита од топлото време.

 

Андријана Ѓурческа