Здравство

Охридската Итна медицинска помош засега работи без зголемен број повици

27.07.2025 14:07

Засега нема зголемен број на повици кон Итната медицинска помош во Охрид, туристите генерално ги почитуваат мерките, но докторите очекуваа полни раце работа, туристичкиот пик допрва доаѓа...

Од овој викенд па се до десетти август, особено за илинденските празнувања, Охрид традиционално ја доживува кулминацијата на летната туристичка сезона. Со зголемувањето на гостите, но и поради тропските температури интервенциите на Брзата помош се позачестени, меѓутоа споредено со лани бројот на повиците е намален за околу 20 до 30 проценти. Тоа е резултат на помалиот број туристи, споредено со минатата година и почитувањето на препораките на лекарите.

„Зголемен е бројот на колапси, дали поради топлото време, дали поради низок притисок, поради хипотензија, исто така имаме сончаница, топлотни удари и зголемен е бројот моментално на стомачни вируси. Е, сега дали тоа се должи на водата од езерото или од водоводот, тоа не ни е потврдено“, вели д-р Михаил Кичов – началник на Брза помош Охрид..

Иако на почетокот на летото имаше случаи на каснување од змии, сега најголем проблем се убодите од инсекти.

„На почетокот на сезоната имавме мислам две или три каснувања од змии, сега е намален бројот. За каснувањата од оси и пчели секојдневно имаме случаи. Луѓе кои се алергични и некои кои не се алергични, а сепак доаѓаат кај нас за помош. Би апелирал доколку немате некоја појава на симптоми како гушење, отоци и црвенило по телото да не доаѓате“, додава д-р Кичов.

Од охридската Брза помош се подготвени за поголемиот бран туристи кои ќе допатуваат за време на илинденските празнувања кога во Охрид се одржуваат голем број концерти и други настани. Ќе работат со поголем интензитет, а ќе биде активирана уште една екипа, односно постојано на располагање ќе бидат три амбулантни возила.

Сашо Нелоски