БЛИСКИ ИСТОК

Се продлабочува хуманитарната криза во Газа

27.07.2025 12:04

Нови експлозии во Појасот Газа. Продолжува кризата со глад. Израелската војска го пресретна хуманитарниот брод „Хандала“, отплови кон пристаништето Ашдодт. Раселените во борба за храна во добротворната кујна во Газа.

Утрово по експлозија облак од чад се издига над Појасот Газа. Претходно, израелската војска објави „тактичка пауза“ во борбите во три области на Газа за да се справи со влошената хуманитарна ситуација. Треба да бидат одредени безбедни патишта за да им се помогне на хуманитарните агенции да доставуваат храна и залихи. Овој потег дојде еден ден откако војската соопшти дека ќе продолжи со воздушни испуштања во Газа, а по месеци предупредувања за глад поради израелските ограничувања за помош.

Десетици Палестинци, претежно жени и деца, се собраа околу добротворна кујна во централна Газа, носејќи ги своите тенџериња и надевајќи се дека ќе добијат храна за себе и за своите семејства. Некои жени и деца беа во солзи додека очајно чекаа да добијат каква било количина храна што можеа.

„Чекаме три часа да донесеме храна за нашите мали деца. Нема пари и нема храна. Нема вода и се обидуваме да донесеме оброк за нашите деца за да го задоволиме нивниот глад“, рече Ваел Шабан, раселен Палестинец од Џебалија.

„Во глад сме, а ситуацијата е катастрофална. Не можеме да најдеме залак за јадење, а нема и брашно. Цените се екстремно високи, а нема стоки за купување. Во вистински глад сме. Чекаме кујни за добротворни цели кои нудат толку малку храна, а таа никогаш не е доволна“, рече раселениот Палестинец од Џебалија, Махмуд ал-Наџар,

„Сакаме да заврши оваа војна, сакаме да заврши за да можеме да ги живееме нашите животи“, порача Аиша ал-Заид, раселена Палестинка од Џебалија.

Израелската војска го пресретна хуманитарниот брод „Хандала“ што превезуваше медицински материјали и храна, управуван од пропалестинската флотила на слободата, додека пловеше кон Газа. Испловила од Италија „за да ја пробие блокадата на Израел врз Палестинците во Газа“ и била пресретната од израелската војска во меѓународни води“ на околу 74 километри од територијата.

Флотилата на слободата во соопштението изјави дека ја изгубила целата комуникација со бродот, за кој рече дека превезувал 21 цивил. Пресретнувањето се случило во меѓународни води надвор од палестинските територијални води покрај Газа, со што се крши меѓународното поморско право“. Пресретнатиот брод отплови кон пристаништето Ашдод.

Израелското Министерство за надворешни работи објави дека морнарицата го запрела бродот и го довела до брегот. Пресретнувањето се случи во време кога Израел се соочува со зголемени меѓународни критики поради влошувањето на хуманитарната ситуација во Газа.

Наташа Гркова Петрушевска