Трговија

ЕУ и САД се договорија за тарифите

28.07.2025 10:04

По недели тензични преговори и остра реторика, Европската унија и САД постигнаа рамковен договор за трговија. Наместо најавените царини од 30 проценти, блокот ќе добие тарифи за извозот во САД од 15 насто. Договорот меѓу другото предвидува еу да купи американска енергија и воена опрема. Само неколку дена претходно, сад постигнаа голем договор и со Јапонија, а веќе има договори и со Обединетото Кралство, Виетнам и Индонезија…

По недели на тензични преговори, Вашингтон и Брисел постигнаа рамковен договор за трговија и намалување на најавените царини. Претседателот Трамп и претседателката на Европската комисија, фон дер Лајен, во Шкотска, се согласија за американска царина за сите стоки од ЕУ од 15 проценти. Договорот меѓу другото предвидува ЕУ да купи американска енергија и воена опрема, а воедно блокот се обврза на дополнителни инвестиции во САД во износ од 600 милијарди долари.

„Ќе го направиме следново: Европската Унија ќе се согласи да купи од Соединетите Држави енергија во вредност од 750 милијарди долари. Ќе инвестираат во САД 600 милијарди долари повеќе отколку што веќе инвестираат. Тие се согласуваат да ги отворат своите земји за трговија со нулта царина. Сите земји ќе бидат отворени за трговија со Соединетите Држави, со нулта царина. И се согласуваат да купат огромна количина воена опрема“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Брисел ќе извезува фармацевтски производи и полупроводници со пониска царинска стапка. Европските производители на автомобили исто така ќе плаќаат 15 насто царина, наместо глобалната стапка од 25 проценти воведена во април. Сепак, европскиот челик и алуминиум и натаму ќе имаат 50 насто царина. Рамковниот договор беше поздравен од италијанската премиерка Мелони и германскиот канцелар Мерц, но критикуван од француската опозиција. Според Фон дер Лајен, договорот ќе донесе стабилност за двата сојузника, кои заедно сочинуваат речиси една третина од глобалната трговија.

„Ќе им овозможиме подобар пристап на американските производи до нашиот пазар. Ова ќе им користи на европските потрошувачи и ќе ги направи нашите бизниси поконкурентни. Овој договор обезбедува рамка од која дополнително ќе ги намалиме царините за повеќе производи, ќе се справиме со нетарифните бариери и ќе соработуваме за економска безбедност. Кога Европската Унија и Соединетите Американски Држави работат заедно како партнери, придобивките се опипливи од двете страни“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседател на Европската комисија.

Трамп воведе царини против главните трговски партнери на САД во обид да ја преуреди глобалната економија и да го намали американскиот трговски дефицит. Освен со ЕУ, тој склучи царински договори со Велика Британија, Јапонија, Индонезија, Филипините и Виетнам, иако не ја постигна својата цел од „90 договори за 90 дена“.

Маријана Димовска