САД -ЕУ

По тензични преговори постигнат договор за трговија меѓу ЕУ-САД

28.07.2025 19:07

По недели тензични преговори и остра реторика, Европската унија и САД постигнаа рамковен договор за трговија. Наместо најавените царини од 30 проценти, блокот ќе добие тарифи за извозот во САД од 15 насто. Договорот меѓу другото предвидува ЕУ да купи американска енергија и воена опрема. Само неколку дена претходно, САД постигнаа голем договор и со Јапонија, а веќе има договори и со Обединетото кралство, Виетнам и Индонезија.

По недели на тензични преговори, Вашингтон и Брисел постигнаа рамковен договор за трговија и намалување на најавените царини. Американската царина за стоките од ЕУ ќе изнесува 15 проценти. Договорот меѓу другото предвидува блокот да купи американска енергија и воена опрема.

„Ќе го направиме следново: Европската Унија ќе се согласи да купи од Соединетите Држави енергија во вредност од 750 милијарди долари. Ќе инвестираат во САД 600 милијарди долари повеќе отколку што веќе инвестираат. Сите земји ќе бидат отворени за трговија со Соединетите Држави, со нулта царина. И се согласуваат да купат огромна количина воена опрема“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Брисел ќе извезува фармацевтски производи и полупроводници со пониска царинска стапка. Европските производители на автомобили исто така ќе плаќаат 15 насто царина, наместо глобалната стапка од 25 проценти воведена во април. Сепак, европскиот челик и алуминиум и натаму ќе имаат 50 насто царина.

„Ќе им овозможиме подобар пристап на американските производи до нашиот пазар. Ова ќе им користи на европските потрошувачи и ќе ги направи нашите бизниси поконкурентни. Кога Европската Унија и Соединетите Американски Држави работат заедно како партнери, придобивките се опипливи од двете страни“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседател на Европската комисија.

Рамковниот договор поздравен од италијанската премиерка Мелони, германскиот канцелар Мерц, француските власти, но критикуван од француската опозиција. Според унгарскиот премер, договорот што САД неодамна го склучија со Обединетото Кралство е многу подобар од овој со ЕУ.

„Очигледно, фактот дека е постигнат договор, е позитивен. Секогаш мислев дека комерцијалната ескалација меѓу Европа и САД би имала непредвидливи, потенцијално катастрофални последици. Очигледно, ќе биде потребно да се проучат деталите од договорот.“, изјави Џорџа Мелони, премиерка на Италија.

„Тоа е добрата вест, бидејќи со недели и месеци, нашите компании се плашеа дека оваа неизвесност ќе се претвори во неможност за инвестирање, за вработување и во суштина замрзнување на нашата економија“, изјави Лоран Сен Мартин, министер за Европа, надворешни работи и трговија на Франција.

Трамп воведе царини против главните трговски партнери на САД во обид да ја преуреди глобалната економија и да го намали американскиот трговски дефицит.

 

Маријана Димовска