Почна доставата на хуманитарна помош во Газа
Хаотични сцени во Газа по распределбата на хуманитарната помош што од воздух беше доставена до жителите на појасот. Израел најави еднонеделен мораториум на воените операции поради доставата на помошта, за која од Обединетите нации тврдат дека е само капка во морето во споредба со потребите. Од небото паѓаат пакетите од Јордан и од емиратите, долу меѓу Палестинците се води вистинска битка за секоја вреќа брашно. Стармер повторно го повика кабинетот за да дискутира за Газа, една од темите на денешниот состанок со претседателот Трамп во Велика Британија...

Звукот на воените транспортни авиони е најпосакуваниот меѓу жителите на Газа, пакет храна повеќе значи и неколку дена преживување меѓу прегладнетите. Реки народ се слеаја кон местата на достава, битката меѓу овие очајници е битка за брашно, шеќер и конзервирана храна.
„15 дена сме без храна. Не убива гладта. Моите деца загубија многу од тежината“, изјави Фарис Хасуна-родител на шест деца.
Од прегладнетост 14 деца починаа во последните 24 часа, тврди министерството за здравство, раководено од хамас. Хуманитарните пратки паѓаат во западниот коридор на појасот, преостанатите области од енклавата се забранети како воени зони. Според израелскиот премиер, лага е дека гладувањето е израелска тактика.
„Каква огромна лага. Таква стратегија не постои. Нема ниту гладни во Газа. Ние ја дозволивме хуманитарната помош, и што се случи. Хамас ја одзеде, ја украде од жителите и потоа нас не обвинуваат. И обединетите нации треба да престанат да лажат“, изјави Бенјамин Нетанјаху-премиер на Израел.
Во замена за овозможената помош, Тел Авив очекува од Хамас ослободување на преостанатите заложници од 7 октомври. Ќе ги отвориме вратите на пеколот, најави министерот за одбрана.
„Јасно и гласно, ако не ги ослободат ќе ги отвориме вратите на пеколот во Газа, го мислам секој кажан збор. Употребивме огромна сила, ќе употребиме уште поголема“, изјави Изарел Кац-министер за одбрана на Израел.
Во Шкотска е шефот на Белата куќа, Трамп со британскиот премиер Стармер ќе разговара за состојбата во појасот. Следниот потег зависи од Израел, вели Трамп.
„Кога Хамас ќе ги предаде заложниците знае што ќе се случи со организацијата. Тоа ќе биде крај за нив. И ова веќе не е само американска, туку интернационална работа, треба и други земји да помогнат“, изјави Доналд Трамп.
Во двомилионската Газа, од почетокот на воената состојба загинаа 60 илјади Палестинци и две илјади Израелци.
Зоран Богатинов
