Собрание

Утре расправа во Собранието по поднесената интерпелација за Љупчо Коцевски

28.07.2025 16:15

Како човек не ги менувам ставовите преку ноќ – премиерот Мицкоски пред утрешната интерпелацијата за работата на државниот обвинител Коцевски. Не откри како ќе гласа неговата партија...

Собранието утре ќе расправа по поднесената интерпелација за работата на републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски. Ја поднесе „Левица“, партијата како аргументи ги наведе нефункционалност и политички влијанија врз работата на Основното јавно обвинителство, како и селективните кривични истраги за трагедијата во Кочани, и непостапување по службена должност за дивоградбите во Скопје. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не откри како ќе гласа неговата партија, но посочи дека тој не е човек што ставовите ги менува преку ноќ.

Обвинителот Коцевски во одговорот на интерпелацијата оцени дека обидот за негова смена е политички мотивиран. Тој исто така посочи и оти интерпелацијата нема ниту законска основа. „постапката за одговорност на јавниот обвинител е уредена со Законот за Јавното обвинителство и не предвидува можност за политичка одговорност каква што е интерпелацијата“, одговори обвинителот Коцевски, кој рече дека пред пратениците ќе одговори на сите изнесени наводи.

На интерпелацијата и претходеше постапката на Владата, која во февруари го започна прашањето за разрешување на обвинителот Коцевски, но постапката беше сопрена по трагедијата во Кочани.

 

Игор Панов