Локални избори

Предизборни комбинаторики со коалициските партнери

28.07.2025 14:17

ВМРО-ДПМНЕ и „Знам“ сè уште немаат конечен договор како ќе настапат во Куманово и во Центар. Се ќе биде познато по 15-ти август. Владиниот коалициски партнер „Знам“ бара поддршка за нивниот лидер во Куманово, а најави дека ќе предложи кандидат и за Центар. И со „Вреди“ се разговара за меѓусебна поддршка во неколку општини. Од таму најавија дека за Скопје ќе имаат свој кандидат...

Владините коалициски партнери ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ сè уште без конечен договор за кандидатите за градоначалници за Куманово и за Центар. Разговорите се во тек и се движат во позитивна насока, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Мицкоски. Конечната одлука се очекува по 15-ти август. Од ЗНАМ очекуваат поддршка за нивниот лидер Максим Димитриевски, а претходно најавија дека свој човек ќе номинираат и за Центар.

Со другиот владин партнер ВРЕДИ, Мицкоски рече дека имаат принципиелен договор да се поддржуваат во оние општините каде едната или другата коалиција ќе има свој кандидат. Изет Меџити, кој се поизвесно е дека ќе се соочи со потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи во Чаир, вели дека до крајот на неделава ќе бидат обелоденети кандидатурите на ВРЕДИ. Коалицијата дефинитивно ќе оди со свој кандидат за Скопје.

Партиите најголем дел од кандидатите ги објавија. Извесно е дека главната политичка битка ќе биде за Скопје. ВМРО-ДПМНЕ го предложи Орце Ѓорѓиевска, СДСМ пак, Каја Шукова.

И Левица најави свој кандидат за метрополата. Кај албанскиот политички блок, освен за Чаир, битката ќе се води во Тетово, каде што ќе се соочат актуелниот Билал Касами и од Бајрам Реџепи од ДУИ. Интегративците во Струга ќе трчаат со Зијадин Села, ВРЕДИ ќе го поддржи бизнисменот Менди Ќура, како независен. Во Гостивар кандидат на ДУИ ќе биде новиот коалициски партнер, Арбен Таравари. Неговото крило од Алијанса за Албанците ќе номинира кандидати и во Врапчиште, Теарце и Сарај.

 

Милчо Велески