Почнува национална кампања за бесплатен скрининг за превенција од хепатитис
Бесплатен скрининг за заболувања на црниот дроб во десет града низ земјава. Почнува национална кампања. Министерството за здравство, заедно со Хепар центар – Битола и Клиниките за гастроентерохепатологија и инфективни болести со поставување мобилни единици.

Околу 40 илјади пациенти во Македонија се заразени со хепатит, илјадници не знаат дека го имаат доколку не се лекува – болеста е причина за цироза и за рак на црн дроб. Пациентките здруженија бараат да се воведат современи лекови и навремена дијагностика.
Министерството за здравство одобрило терапијата за хепатит Б да биде ставена на позитивната листа, но следниот чекор треба да го направи фондот за здравство. Голем дел од пациентите ја набавуваат од Албанија, Косово и Турција.
„За хепатитис Б се зборува дека има помеѓу 250 до 500 пациенти. Но сите овие пациенти не треба да ја примаат оваа терапија. Оваа група прво мора да се мониторира и треба да се види дали овие пациенти се активни носители на вирусот и имаат потреба од моментална терапија или може да бидат следени“, изјави Милан Мишковски – Здружение „Хепар“.
За редовен скрининг на загрозената популација апелираат и лекарите . Навременото откривање на хепатитисот, може да се лекува.
„Во денешно време има терапија и за хепатит Б и Ц и битно е да се направи скрининг на загрозената популација, на луѓето кои работат, на здравствените работници, на корисниците на дрога, сексуалните работнички и на затворениците“, изјави проф. д-р Мери Трајковска – директорка на Клиниката за гастроентерохепатологија.
„Треба да се воведе рана дијагностика и да се инвестира во здравствените политики за да може пациентите да имаат и пристап до современата терапија“, изјави д-р Фадил Цана – директор на Клиниката за инфективни болести.
Скрининг за хепатитис Б, Ц и ХИВ за навремено детектирање на болести на црниот дроб се вршеше на плоштадот во метрополата . Во наредните денови ќе се реализира во уште 10 градови во државата.
Андријана Ѓурческа
