Македонија

Продолжува борбата со огнената стихија, најкритичен на планината Готен

28.07.2025 17:04

За едно деноноќие 51 пожар, алармантна состојбата со огнените стихии, девет сè уште се активни. Сериозно е на планината Готен. Во борбата со пламените јазици се ангажирани голем број армиски припадници. Во кратовско зафатени неколку напуштени куќи. Пожарот кај Катланово локализиран. Земјава го активираше еу-механизмот за цивилна заштита. Состојбата со пожарите ја држиме под контрола, дел се подметнати, вели премиерот Мицкоски...

Пепел, црнила, мирис на чад, изгорени бандери, екипите на ЕВН ги санираат штетите, ставен е под контрола пожарот кај Катланово.

Пламените јазици направија димна завеса низ која поминуваа возилата по автопатот Велес – Скопје. Црн, густ, чад се ширеше над автопатот. По брза реакција и интервенција на скопската противпожарна бригада, пожарот е локализиран и ставен под контрола. Најкритично е на планината Готен каде интервенираат противпожарни екипи, припадници на АРМ, МВР, национални шуми, доброволци, со специјални возила и воздушна поддршка.

Сè уште гори на територијата на Берово, Радовиш, Василево, Македонски Брод, Крива Паланка, Кавадарци, Прилеп. Директорот на ДЗС вели дека лажна вест е дека изгорело кратовското село Димонце. Вели пожарот зафатил неколку напуштени куќи. Нема повредени луѓе.

Има основани сомнежи дека пожарите се подметнати, а некои предизвикани од невнимание, вели премиерот Мицкоски. Активиран е европскиот механизам, но и останатите држави се соочуваат со истите предизвици, па не можеме да сметаме на помош.

Во текот на денешниот ден има 15 пожари од кои 9 активни и 6 под контрола. Надлежните апелираат сомнителните лица да се пријават на 112.

 

Александра Велинова