ЦАРИНИ

Лидерите на земјите од ЕУ со поделени мислења за трговскиот договор со САД

29.07.2025 10:01

Новата спогодба предвидува 15-процентни царини за повеќето производи од Унијата, што е значително помалку отколку 30 насто, со кои Трамп претходно се закануваше. И Вашингтон и Пекинг преговараат за царините. Лидерите на земјите од Европската унија со поделени мислења за трговскиот договор со САД...

Вашингтон и Брисел избегнаа трговска војна, но блокот видно незадоволен од договорот. Земјите – членки стравуваат за ризиците по домашната економија. Имено, државите од ЕУ ќе плаќаат царини од 15 проценти за извоз во САД, додека американските производи на европскиот пазар ќе бидат ослободени од секакви давачки.

„Не сум задоволен од резултатот. Едноставно кажано, ова значи дека германската економија ќе претрпи значителна штета како резултат на овие царини. Но, сум сосема сигурен дека тоа нема да биде ограничено само на Германија и Европа, ќе ги видиме и последиците од оваа трговска политика во Америка“, истакна германскиот канцелар, Фридрих Мерц

Рамковниот договор беше поздравен од италијанската премиерка Мелони. Француските власти и опозицијата поделени. Австрија бара комисијата да презентира стратешка програма за тоа како може да се намали зависноста од САД.

„Секогаш го велев истото и го ценам трудот што го вложи Европската комисија. Го ценам конструктивниот и преговарачки став на претседателот на Европската комисија и во секој случај, го поддржувам овој трговски договор. Но, го правам тоа без никаков ентузијазам“, изјави Педро Санчез, премиер на Шпанија.

„Во основа, трговијата ќе се прилагоди на овие тарифи од 15 проценти. Потрошувачите во САД, особено, ќе ја платат цената, бидејќи тарифите значат – особено за граѓаните на Соединетите Американски Држави – дека цените ќе растат“, изјави Волфганг Хатмансдорфер, министер за економија на Австрија.

Царината од 15 насто на увозот од ЕУ ќе важи и за автомобили, полупроводници и фармацевтски производи. За алуминиум и челик, царините ќе останат на 50 проценти. Договорот меѓу другото предвидува блокот да купи американска енергија и воена опрема. Аналитичарите сметаат дека е избегнато лошо сценарио, но договорот ја покажува слабоста на Европа.

„Мислам дека политички, во однос на надворешната политика, овој договор е многу проблематичен. Во исто време, во економска смисла ова е победа за Трамп бидејќи постои согласност меѓу економистите дека ставањето царина од 15% на вашиот најблизок трговски партнер е глупава идеја“, изјави Никлас Поатје, Проф. доктор по економски науки.

„Треба да запомните дека на 1 август гледавме прилично страшно сценарио и тоа беше избегнато, па затоа за нашите компании-членки станува збор за сигурноста што ова ја носи и секако за деескалацијата во контекст на трговскиот спор“, рече Тибо Лoртје, Американска стопанска комора во ЕУ.

Американски и кинески претставници преговараат во Стокхолм. Кина има рок до 12-ти август да постигне траен договор за царините со администрацијата на Трамп. Пекинг и Вашингтон постигнаа прелиминарни договори во мај и јуни, привремено спречувајќи ескалација на трговската војна.

Маријана Димовска