Завршува уште едно успешно „Охридско лето“
Вечерва завршува „Охридско лето“ кое во фестивалската историја ќе биде запаметено по најголемиот број странски посетители. На новата сцена на Античкиот театар продефилираа врвни уметнички имиња кои го потврдија реномето на овој единствен фестивал...

Се спушта завесата на 54-тото издание на Охридско лето. Концертот на свеченото отварање беше првиот показател, а воедно и најава за успешноста на овој реномиран фестивал. На сцената на Античкиот театар блеснаа и двете операки ѕвезди од Италија- оперската дива, сопранот Барбара Фритоли и еден од најголемите баритони на денешницата, Лео Нучи. Музичкиот дел беше затворен со реномираниот кинески оркестар од Шенжен додека драмскиот ќе биде затворен со театарот Звездара од Србија, со претставата Роденденот на господин Нушиќ.
„Посебна чест и задоволство ми претставува што ќе настапиме тука на Охридско лето, а исто така чест ќе ми биде што ќе го глумам токму Нушиќ во самата претстава“, изјави актерот Бранислав Лекиќ.
Публиката имаше ретка можност да проследи изведби и на неколку камерни оркестри, францускат вечер на пијано, атрактивниот пијанист Максим Мрвица како и светската атракција од Израел Вока пипол.
„Во 54-тото издание на фестивалот реализиравме 54 термини. Симболично сакавме и бројката да ја врземе, ама и така се поклопија работите. Организиравме и 54 проби и можам да кажам дека се што беше однапред договорено, го реализиравме без никакви откажувања, или одложувања“, истакна директорката на Охридско лето, Елизабета Јанкуловска.
Квалитетот на фестивалот и оваа година беше на високо ниво, а Охрид се покажа како вистинска културна метропола.
„Врвните светски уметници кои се дел од фестивалот, го вознесуваат името на фестивалот и на Македонија ширум светот, а со тоа се вистински промотори на Македонија, или како што тие велат- Македонија во уметничкиот свет е препозната преку фестивалот Охридско лето“, рече Гордана Јосифова- Неделковска, селектор на музичкиот дел на фестивалот.
Како и секоја година, организаторите на Охридско лето за наредната најавија повторно звучни имиња со врвни уметнички изведби на познати уметници со светско реноме.
Јованчо Наумоски
