Украина

Остри тонови меѓу Москва и Вашингтон

29.07.2025 15:01

Украина го нападна Ростов, русите на прагот на Покровск. Москва го предупреди Вашингтон – заканите со ултиматуми можат да доведат до директен судир со Соединетите Американски Држави...

10 до 12 дена за запирање на крвопролевањето – американскиот претседател Трамп го скрати претходно поставениот ултиматум од 50 дена за Русија. Се закани со дополнителни санкции доколу нема договор за прекин на огнот во Украина. Планот би вклучил и секундарни тарифи насочени кон трговски партнери на Русија.

Жесток одговор пристигна од поранешниот руски претседател Медведев, сегашен заменик-претседател на Советот за безбедност. За него, ултиматумот на Трамп нема да предизвика само ескалација на војната во Украина, туку тоа е ризик за директен судир меѓу Русија и САД.Украинскиот претседател Зеленски, пак, ги поздрави најавите на Трамп, истакнувајќи дека Русија мора да се согласи на прекин на огнот во определениот рок.

„Едноставно не гледаме никаков напредок. Нема причина да се чека доколу знаете каков ќе биде одговорот, зошто да се чека. Тоа би биле санкции и можеби царини, секундарни царини. Погледнете ја руската економија, не сакам тоа да и го правам на Русија. Го сакам рускиот народ, тие губат многу руси, изгубила милиони руси“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.

„Мирот е можен ако дејствуваме силно и решително. Постојано повторуваме, а и сите партнери го знаат ова, дека санкциите се клучен елемент. Русија ги зема в предвид санкциите, ги зема в предвид загубите. Мирот преку сила е можен. Украина, како и секогаш е подготвена да соработува со Америка“, изјави Володимир Зеленски – украински претседател.

На фронтот, пак, дипломатијата е замолчена, а борбите се интензивираат. Украинските сили ја нападнаа ростовската област со десетици беспилотни летала. Погодена е железничката станица во градот Салск, како и станбени згради и автомобили, тврдат руските власти.

Друг пожар е пријавен во близина на село Орловски, каде што наводно беспилотно летало погодило трафостаница која ја снабдувала железничката инфраструктура со електрична енергија. Руските сили, пак, изутрината извршија воздушен напад во украинскиот регион Запорожје. Лансирани се 8 високоексплозивна воздушни бомби насочени кон затвор. Најмалку 16 луѓе загинаа, над 30 се ранети.

 

Маја Стојанова