Кривичен суд

Напаѓачот на градоначалничката на Скопје, седна на обвинителна клупа

29.07.2025 16:23

Во Кривичниот суд во Скопје, на обвинителна клупа седна човекот кој ја нападна градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска при увидот на дивоградба во Чаир. Сулејман Љамалари, кој се гони за насилство не чувствува вина. И тој и Арсовска доставија медицински белешки дека биле удрени...

Не сум виновен со овие зборови Сулејман Љамалари обвинет за нападот на градоначалничката Данела Арсовска негираше секаква вина во овој случај.

Поранешниот вработен во паркови и зеленило се товари дека извршил насилство додека градоначалничката постапувала по пријави од граѓани за дивоградби и нелегални приклучоци на вода и струја во Чаир. Прво вербално ја нападнал со пцости, а потоа и физички, кога и нанел неколку телесни повреди. Кај Арсовска и во јавноста предизвикал чувство на несигурност и страв, рече на првото рочиште обвинителот Александар Давчевски. Достави и медицинско вештачење за повредите на Арсовска.

„Кога оштетената се наоѓала на улицата пред влезот на маркетот на местото пристигнал и обвинетиот управувајќи електричен тротинет и откако ја забележал оштетената и се приближил и почнал да гестикулира со рацете притоа најпрво обраќајќи и се со зборовите што си дошла тука, а потоа и физички ја нападнал удирајќи ја во пределот на лицето и раката.“, стои во соопштението.

Со треперење сведочеше Арсовска. Вели, добила тупаници по лицето и рацете, Љамалари се заканувал со најпогрдни зборови кон неа, нејзиното семејство, советниците и инспекторите. Сето ова рече Арсовска траело 40 минути. Полицијата го оттргнала, но му дозволила да врти по телефони за напаѓачот во еден момент да им каже јавете му се на шефот. Адвокатката на Љамалари рече дека има медицинска документација оти и нејзиниот клиент бил нападнат. Арсовска тврди оти било во самоодбрана.

„Во моментот бев застаната под сенката каде пристигна со тротинетот и почна со рацете да мавта да се заканува и гестикулира по што откако ја кренав раката ме удри два пати во лицето при што направив чекор наназад да направам дистанца и во тој момент ја кренав ногата во самоодбрана“, сведочеше Арсовска.

Арсовска посочи и дека 7 дена пред нападот тој и се заканувал на социјалните мрежи со зборовите ќе зажалиш и ќе видиш што ќе ти се случи.

Прашана зошто не го потпишала записникот во полициската станица. Арсовска рече дека не се согласувала со напишаното, тоа не биле нејзини зборови.

 

Викторија Милевска