Образование

Од идната година студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ повторно ќе биде отворен

29.07.2025 17:12

Реконструкцијата на студентските домови е во полн ек. Со првата фаза се опфатени „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“, па ќе се продолжи етапно со обновата за да има место за сите студенти. Реновираниот „Кузман“ ќе ги пречека студентите веќе иднава година...

Од идната година, студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ повторно ќе биде отворен, студентите ќе се сместат во комплетно реконструирана зграда. Домот е затворен повеќе од две години. Градежните работи течат според предвидената динамика, се обновуваат фасадата, тоалетите, мензата, се менува и начинот на греење. На приземјето предвидени соби за студентите со посебни образовни потреби.

„Дополнително за заштеда на енергијата, предвидена е паметна регулација како на топлината така и на светлината. Тоа значи дека кога студентот ќе излезе од собата, а заборавил да го изгасне светлото тоа ќе се изгаси автоматски, исто и греењето“, истакна министерка за образование и наука, Весна Јаневска.

Проектот долго време беше заглавен во процедури – вели премиерот Мицкоски.

„Барем од она што го видовме внатре, една просторија како тоа би изгледало, споредено со тоа како било порано, станува збор за огромна разлика. Навистина ќе уживаат во совладувањето на материјата на факултетите. Можам само да посакам успешно студирање, побргу да се заврши проектот и студентите да почнат да се вселуваат“, изјави Мицкоски.

Проектот предвидува обнова на девет студентските домови низ државата. Правата фаза ќе чини околу 17 милиони евра, пари обезбедени преку Европската унија и Германската развојна банка. Целиот проект треба да заврши за три години.

Додека трае реконструкцијата на двата студентски дома во метрополата – на секој оној кој ги исполнува условите МОН му обезбедува сместување во ученичките домови.

Андријана Ѓурческа