САД

Четворица убиени во пукотница во облакодер во Њујорк, напаѓачот е мртов

29.07.2025 15:10

Драма на Менхетн во центарот во Њујорк. 27-годишен вооружен маж со автоматска пушка упадна во облакодер, уби четворица и рани уште еден во седиштето на националната фудбалска лига. Оставил проштално писмо во кое обвинува дека страдал од болест поради ударот во глава додека бил фудбалер …

Драма во срцето на Њујорк. Шејн Тамура, 27-годишен поранешен професионален американски фудбалер уби четворица во зградата на седиштето на националната лига на Менхетн. Потоа си го одзеде животот. Жртви по случаен избор на Тамура се усмртени со офанзивната рафална пушка „м-4“.

„Ноќеска има петмина загинати, еден од нив е сторителот. Нема зборови кои можат да го опишат овој вид зло. Убиените се невини луѓе, се молиме за брзо закрепнување на повредените“, изјави Ерик Адамс-градоначалник на Њујорк.

Надзорните камери покажуваат дека Тамура излегол од неговиот автомобил, со рафалната пушка, најпрвин стрелал во полицаецот, потоа во жена, влегол во зградата на асоцијацијата каде што го убил човекот од обезбедувањето. Жена во лифтот минала покрај него неповредена, но крвавиот пир завршил со уште една жртва на 33-тиот кат.

„Излегов од железницата и некој извика, истрели. Излегоа од зградата четири полицајци и носеа еден полицаец којшто беше повреден. Итаа кон амбулантното возило“, изјави очевидец.

„Полицаецот имаше само 36 години, беше имигрант од Бангладеш и навистина го сакаше Њујорк. Беше одличен полицаец, татко на два сина, очекуваше трето дете“, истакна градоначалникот Адамс.

Убиецот имал медицинско досие, мозочна болест предизвикана при удар на еден од фудбалските натпревари. Во неговото возило оставил проштално писмо. Во САД годинава речиси девет илјади луѓе се убиени со огнено оружје, во земјата се регистрирани 400 милиони продадени пушки и пиштоли.

Зоран Богатинов