Собрание

Собранието ја изгласа интерпелацијата за јавниот обвинител Коцевски

29.07.2025 17:49

Со 71 глас, без ниту еден против и воздржан пратениците ја изгласаа интерпелацијата за јавниот обвинител Коцевски, поднесена од опозициската партија левица. Заклучокот ќе биде доставен до Владата и Коцевски...

Со 71 глас, без ниту еден против и воздржан пратениците ја изгласаа интерпелацијата за јавниот обвинител Коцевски, поднесена од опозициската партија левица. Заклучокот ќе биде доставен до Владата и Коцевски.

Од Левица побараа гласање недоверба за работата на јавниот обвинител поради, како што рекоа, селективни кривични истраги за трагедијата во Кочани, влијанија врз работата на Јавното обвинителство, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство, непостапување по службена должност за дивоградбите на урбаната мафија во главниот град.

Државата мора да добие функционален и независен обвинителски систем, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ кои ја поддржаа интерпелацијата.

За социјал-демократите процедурата била промашена. Требало да се оди со разрешување наместо интерпелација за Коцевски, кој во овој случај не мора да се повлече зашто постапката нема правни последици.

Од Европскиот фронт сметаат дека Коцевски не се разликувал од претходниците и тој бил со власта.

Во своето образложение контра интерпелацијата Коцевски напиша дека таа е недозволена според закон, без аргументи и политички мотивирана. Интерпелацијата нема обврзувачко дејство, разрешувањето е со законска процедура.

 

Александра Велинова