Денеска седница на Економско-социјалниот совет
Економско-социјалниот совет денеска треба да одржи седница, а на неа се очекува да се разговара за минималната плата, порастот на цените на основните прехранбени производи и за потрошувачката кошница...

Економско-социјалниот совет денеска треба да одржи седница, а на неа се очекува да се разговара за минималната плата, порастот на цените на основните прехранбени производи и за потрошувачката кошница.
Од Сојузот на синдикати на Македонија вчера најавија дека ќе го покренат прашањето за зголемување на минималната плата на 500 евра и за зголемување на сите останати плати за 6.000 денари. Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов на прес-конференција посочи дека синдикалната минимална кошничка што ја пресметува ССМ лани е зголемена за 6 500 денари, а оваа година делот за храна и пијалаци од завршувањето на последната мерка пораснал за 2 000 денари или за 150 евра се зголемени трошоците за живот за едно четиричлено домаќинство.
Според Трендафилов, не држат веќе изговорите на Владата дека работниците и работодавачите треба да седнат и да се договорат за зголемување на минималната плата.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека просечната плата треба да биде уште поголема, но дека самиот факт што бруто и нето платата пораснале за повеќе од 11 проценти е доволен доказ против обвинувањата дека платите стагнирале.
