Русија

Силен земјотрес од 8,8 степени го погоди полуостровот Камчатка, потресот предизвика цунами

30.07.2025 10:40

Силен земјотрес од 8,8 степени по Рихтер го погоди рускиот полуостров Камчатка. Тлото сè уште не мирува. Серија цунами-бранови го зафатија регионот и Курилските острови. Јапонија, Хаваи и други земји издадоа наредби за итна евакуација...

Силен земјотрес со магнитуда од 8,8 степени го погоди полуостровот Камчатка на далечниот исток на Русија. Потресот предизвика цунами до четири метри, оштетувајќи згради и активирајќи предупредувања и евакуации низ Тихиот Океан. Има повредени.

„Денешниот земјотрес беше сериозен и најсилен во последните децении потреси. Специјалните служби реагираа навреме, издадени беа предупредувања за цунами. Првиот цунами бран го погоди брегот на Северо-Курилск, главната населба на Тихоокеанскиот архипелаг“, изјави Владимир Солодов, гувернер на Камчатка.

„Го предупредивме населението и извршивме евакуација во планинските предели. Луѓето ќе останат таму додека не се откаже режимот на цунами. Прелиминарно, станбениот фонд не е сериозно оштетен. Има случаи на прекин на снабдувањето со електрична енергија“, изјави Валери Лимаренко, гувернер на регионот Сахалин.

Предупредувања за цунами беа издадени во делови од Јапонија, Алјаска и Хаваи, Кина, Филипините, Индонезија, Гуам, Перу и островите покрај Еквадор. Жителите во паника ги напуштаат живеалиштата. Во делови од Хонолулу дојде до нарушувања во сообраќајот и хаос на бензинските пумпи.

„Решивме да ја напуштиме куќата и да заминеме на безбедно. Поминавме неколку бензински станици за да наполниме гориво. Имаме 3 возила и 15 члена од семејството. Ова ми е прво предупредување за цунами, се ова ни е ново“, изјави жител.

„Секоја бензинска станица беше преполна со луѓе. Се обидувам да ги следам предупредувањата. Паметам дека досега сум поминал 3,4 предупредувања за цунами, се обидувам да останам присебен“, изјави друг.

Поголеми бранови би можеле да дојдат подоцна, и повеќе од еден ден по земјотресот во Русија, предупредија властите. Операторот на оштетената јапонска нуклеарна централа Фукушима соопшти дека ги евакуирал своите работници на безбедно место.

„Само сакам да ги потсетам луѓето дека ова не е само бран што доаѓа од брегот и удира на плажата. Ова е бран што со голема сила се движи низ брегот и на копно“, изјави Џош Грин, гувернер на Хаваи.

„Поради овој земјотрес, издадено е предупредување од Хокаидо до префектурата Вакајама за цунами до 3 метри по должината на тихоокеанскиот брег на Јапонија“, изјави Јошимаса Хајаши, главен министер на кабинетот на Јапонија.

„Како феномен, цунамито секогаш може да биде поголемо од првото. Ве молиме продолжете со евакуација додека не се укине предупредувањето“, изјави Масаши Кијомото, службеник на Јапонската метеоролошка агенција.

Тихоокеанската и северноамериканската континентална плоча се среќаваат во близина на полуостровот Камчатка, што го прави регионот еден од најподложните на земјотреси.

 

Маријана Димовска