Прекин на огнот или признавање на Палестина
Признавањето на палестинска држава ќе биде награда за Хамас, а казна за нивните жртви – одговори израелскиот премиер Нетанјаху по ултиматумот од Велика Британија за ставање крај на војната. Во меѓувреме, на конференција на Обединетите нации, 17 држави го повикаа Хамас да заврши со владеењето во Газа и да го предаде оружјето на палестинската управа...

По Франција и Велика Британија се закани дека ќе ја признае палестинската држава, доколку Израел не се согласи на прекин на огнот во Газа. Острата и неочекувана изјава на британскиот премиер Стармер доаѓа по итниот состанок на неговиот кабинет одржан по интензивните притисоци во јавноста која бара солидарност со жителите на Газа. Неколку часа претходно Стармер во Лондон имаше средбата со американскиот претседател Трамп. Тој, пак, тврди дека не е известен за намерите на Велика Британија да ја признае палестинската држава.
„Можам да потврдам дека Велика Британија ќе признае палестинска држава во Генералното собрание на Обединетите нации во септември, освен ако израелската влада не преземе суштински чекори за ставање крај на ужасната состојба во Газа, да се согласи на прекин на огнот и да се посвети на долгорочен и одржлив мир“, изјави Кир Стармер – премиер на Велика Британија.
„Не, изненадувачки, никогаш не сме разговарале за тоа. И немаме никаков став за тоа. Ќе донесеме многу пари во областа за да можат да добијат храна. Тој исто така ќе го стори тоа, а мислам дека и Европската унија ќе одвои пари и храна“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
Остра реакција експресно пристигна од израелскиот премиер Нетанјаху. Во објава на социјалната мрежа „Икс“ – обвини дека изјавата на Стармер е награда за Хамас.
„Стармер ја наградува монструозната терористичка дејност на Хамас и ги казнува нејзините жртви. Џихадистичката држава денес е на границата на Израел, а утре може да биде закана за Велика Британија“, стои во реакцијата од Бенјамин Нетанјаху.
За палестинската управа, доколку се спроведе најавата на Велика Британија, тоа ќе биде исправање на историската неправда.
„Сметаме дека Велика Британија има историска одговорност кон прашањето за Палестина. Доколку ја исполни најавата, таа ќе ја исправи историска неправда кон палестинскиот народ и нивните права. Веруваме дека признавањето на државата Палестина од велика Британија ќе донесат правда и мир во регионот“, изјави Омар Авадалах – помошник министер за надворешни работи на палестинската држава.
Конференцијата на Обединетите нации за израелско-палестинскиот конфликт, пак, заврши со повик за крај на владеењето на Хамас во Газа. Група од 17 земји, меѓу кои Саудиска Арабија, Катар и Египет, го повикаа Хамас да го предаде оружјето на палестинската самоуправа. Во усвоената декларација исто така, се повикува израелската војска да ги повлече силите од Газа.
Маја Стојанова
