„Фолк фест Валандово“ во нов сјај
За првпат од своето постоење, фестивалот ќе се одржи во нова реконструирана летна сала и во живо со оркестарот на Македонската радио телевизија...

Финишираат подготовките за јубилејното 30-то издание на „Фолк фест Валандово“. За првпат од своето постоење, фестивалот ќе се одржи во нова реконструирана летна сала и во живо со оркестарот на Македонската радио телевизија. 30 интерпретатори ќе настапат во двете полуфинални вечери на 16-ти и 17-ти, а телевотингот ќе одлучи кој оди во финалето на 18-ти октомври.
„Првата награда ќе изнесува 20 илјади евра, втората 10, а трета 5. Ќе има награди за најдобар дебитант и најдобар сценски настап, како и признанија за најзаслужните за афирмацијата и промоцијата на фестивалот. Новитет е комплетно новата сценографија“, соопшти министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.
Јубилејот ќе биде проследен и со низа други активности. Општината е вклучена и во реконструкцијата на салата која ќе финишира до крајот на септември, а чини 25 милиони денари.
„Фестивалот ќе биде пропратен со многу новитети, издавање на монографија за 30 годишнината, издавање на ЦД-а кои ќе бидат доделени на секој посетител...“, изјави градоначалникот на Валандово, Николче Чурлиноски.
Голем дел реномирани естрадни ѕвезди ќе бидат дел од јубилејното издание. Директорите велат дека целиот избор изведувачите е транспарентен.
„Тука се Милица Кузмановска, Благица Калева, Ленче Куќиќ, Благоја Грујовски, Мишко Крстевски, Јордан Митев...“, нагласи уметничкиот директор на фестивалот, Орце Гелевски.
„Повторно се врати селекционата комисија што е многу важно за транспарентноста на младите пејачи, композитори, музичари...“, рече извршниот директор, Младен Костадинов.
Од годинава Фолк Фест Валандово ќе се одржува на есен. Македонската радио телевизија традиционално ќе врши директен пренос од сите три фестивалски ноќи.
Катерина Давчева
