Активни се четири пожари, пет се ставени под контрола
Активни се четири пожари, најтешко и натаму на Готен, каде дејствуваат и екипите од странство. Чешкиот „Блек хок“ хеликоптер интервенираше од воздух, поддржан од копно од 17-те возила со пожарникари од Словенија...

Чешки хеликоптер и словенечки пожарникари го гаснат пожарот на планината Готен. Овој пожар се одвива во тешко пристапен терен. Противпожарниот хеликоптер „Блек хок“, кој се вклучува во гаснењето на пожарот на планината Готен, е опремен со т.н. „бомби“ со капацитет од 3.410 литри вода, што овозможува ефикасно гаснење пожари од воздух. И тимот од словенечки пожарникари се бори со огнената стихија.
„Во македонија има 61 припадник , од тоа 42ца пожарникари од специјалните служби и 17 возила од кои 7 возила специјализирани за гаснење пожари на терен“, вели Роберт Шкрљ – заповедник на словенечките пожарникари.
Во текот на денов активни се четири пожари, а пет се ставени под контрола. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување вели дека состојбата со пожарите на оторен простор денес е значително подобрена.
А, денеска лишено од слобода лице од скопско кое било затекнато како пали оган во близина на автопатот скопје – тетово. Лицето било затекнато како потпалува ѓубриште и сува трева во близина на штала со добиток. Од екипа на бригадата за противпожарна заштита скопје пожарот бил изгаснат, а истиот бил лишен од слобода и приведен во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Од Центарот за управување со кризи постојано апелираат граѓаните да бидат особено внимателни, да не се пали оган на отворен простор и да се пријави доколку се видат сомнителни лица.
Ана Јосифоска
