Влада

Нема договор за минималец од 500 евра

30.07.2025 19:34

Економско-социјалниот совет ја одржа долгонајавуваната седница. Нема договор за минималец од 500 евра. Тоа, заедно со усогласувањето на другите плати го бараше Сојузот на синдикатите. Но, од власта доби одговор дека нема да се избрзува со ад хок решенија оти може да се подгрее инфлацијата. На седницата претставена и методологија за пресметка на потрошувачката кошничка.

Нема изгледи дека ќе се зголеми минималната плата на 500 евра, велат од ССМ откако нивното барање го изнесоа пред Економско-социјалниот совет, но точката не беше на дневен ред. Освен повисокиот минималец, тие сметаат дека е потребно усогласување и на другите плати зашто што не ги следат трошоците. Откако не добија зелено светло, ССМ не ја исклучи можноста од генерален штрајк.

Зголемувањето од над 11% и просечна плата од 45.800 денари е показател дека владата работи на зголемување на платите. Тоа не е доволно, но потребна е економска оправданост, а не ад хок решенија, соопшти Владата.

Најавите за зголемување на царините и ниската продуктивност се едни од причините поради кои нема економски услови за зголемување на платите – велат работодавачите. Сметаат дека неоправданото зголемување ќе ја разгори инфлацијата.

Новата методологија за пресметката на потрошувачката кошничка, не вклучува цигари, алкохол, а вклучува сезонско овошје и околу 100-тина производи, навести министерот Дурмиши.

Околу 35.000 работници во земјава се на минимална плата.

 

Александра Велинова