Се утврдуваат пропустите во „Мој термин“: Неоткажаните термини проблем
Тим на информатичари во наредните три дена ќе го мониторира системот во Градската општа болница 8-ми Септември. Генералната оценка е дека „Мој термин“ се почитува...

20 отсто од пациентите не ги откажуваат закажаните термини кога не можат да дојдат на специјалистички преглед- тоа создава револт кај останатите граѓани кои поради нив мораат да чекаат и по 3 до 4 недели, велат надлежните. Во летниот период поради одморите недостигаат и термини, причина плус- мислењето на граѓаните за „Мој термин“ да биде поделен.
„Веднаш ме примија за 5 минути.“
„Имам закажано преку мој термин и не сум задоволна затоа што многу се чека, по еден месец за преглед.“
„Многу подобро вака што е закажана отколку да чекаме редици“, велат анкетираните граѓани.
Повеќе од една година граѓаните електронски закажуваат прегледи кај специјалист. Тим на информатичари во наредните три дена ќе го мониторира системот во Градската општа болница 8-ми Септември. Генералната оценка е дека „Мој термин“ се почитува, намален е бројот на пациенти кои доаѓаат во осум часот наутро па чекаат се до нивниот термин, а со тоа се создаваа турканици и незадоволство.
„Се забележуваат сите неправилности кои се настанати при креирањето на упатите од страна на матичните лекари кон оваа установа, а и сите неправилности при креирање на болнички упати или контролни упати од страна на специјалистите. Генерално установата функционира во ред, се запазуваат сите протоколи и сите начини на креирање на упати и нивна реализација“, вели Милан Аризанкоски, проект менаџер на „Мој термин“.
Од следната недела проект менаџерите ќе го мониторираат системот и во останатите здравствени установи.
Андријана Атанасовски
