Блиски Исток

Хуманитарна криза во Газа, расте притисокот врз Израел

31.07.2025 09:39

По Велика Британија и Франција, и Канада најави признавање на палестинската држава. Израелското МНР ја отфрли објавата, опишувајќи ја како награда за Хамас. Расте притисокот и обвинувањата кон Тел Авив за хуманитарна состојба во Газа. Американскиот сенат ја отфрли резолуцијата за запирање на продажбата на бомби и автоматски пушки на Израел, сепак сенаторите едногласни, војната на Блискиот Исток мора да запре...

Меѓународната заедница под зголемен притисок за решавање на судбината на Газа. Се зголемува бројот на земји што планираат да ја признаат палестинската држава. По Велика Британија и Франција и Канада потврди дека е посветена на решение за две држави. Израелското МНР ја отфрли објавата, опишувајќи ја како награда за Хамас.

„Меѓународната соработка е од суштинско значење за обезбедување траен мир и стабилност на Блискиот Исток, а Канада ќе направи се што може за да помогне во водењето на тие напори. Канада долго време е посветена на решение со две држави – независна, одржлива и суверена палестинска држава што живее рамо до рамо со државата Израел во мир и безбедност“, изјави канадскиот премиер, Марк Карни.

Хуманитарните организации алармираат за континуирано влошување на хуманитарната состојба и покрај дневните паузи на борбите од страна на израелските сили. ООН и Палестинците велат дека малку се променило, расте критиката за Израел и премиерот Нетанјаху.

„Четири дена по почетокот на тактичките паузи во Газа прогласени од израелските власти, сè уште гледаме жртви меѓу оние што бараат помош и повеќе смртни случаи поради глад и неухранетост“, изјави Фархан Хак, заменик-портпарол на ООН.

Две резолуции во американскиот Сенат, кои беа предложени како одговор на цивилните жртви во Газа и кои ќе ја блокираа продажбата на оружје на Израел, не беа усвоени, иако добија поголема поддршка претходно оваа година. Отфрлен предлогот за запирање на продажбата на бомби, како и пратки од 20.000 автоматски пушки на Израел во вредност од 675 милиони долари.

„Американските даночни обврзници потрошија многу, милијарди долари за поддршка на расистичката, екстремистичка влада на Нетанјаху. Доста е. Американците сакаат ова да заврши. Тие не сакаат да бидат соучесници во растечкиот глад и секојдневните масакри врз цивилите“, порача Берни Сандерс, сенатор од Вермонт.

„Тие ги користат луѓето од Газа како човечки штитови и ја крадат храната што им е потребна на луѓето од Газа. Ова не се добри луѓе и е во интерес на Америка и светот да ја видат уништена оваа терористичка група“, изјави Џим Риш, Сенатор од Ајдахо.

„Газа гладува и умира поради политиките на Биби Нетанјаху. Време е ние како нација да кажеме дека нашите даночни обврзници нема да го поддржат овој напор“, рече Дик Дарбин, сенаторот од Илиноис.

Претходно, Комитетот на постојани претставници на земјите членки на ЕУ го блокираше предлогот да го казни Израел со санкции за хуманитарната катастрофа во Појасот Газа.

Маријана Димовска