Швајцарска поддршка од 7,5 милиони франци за комуналните претпријатија
Во Виница водата се дели од цистерна, во Куманово истекува низ пукнатини – 60 проценти од питката вода се губи. Швајцарија спасува со 7,5 милиони франци…

Според последниот попис на Државниот завод за статистика, Виница има помалку од 20 илјади жители. Овој град е на големо погоден од белата чума, сепак, и оние што се останати се соочуваат со проблем – недостиг од питка вода.
И во 21 век, овие луѓе се случува да пијат вода од цистерна во летниот период поради застарената водоводна инфраструктура. Филтер-станицата е изградена и пуштена во употреба во 1992 година. Во летниот период пресушуваат изворите, па неопходно е да се инвестира во нови извори и мини акумулации – вели директорот на ЈКП, бидејќи има периоди во годината кога водата непотребно истекува. Само една третина од градот е опфатен со атмосферска канализација, при изобилни врнежи се поплавуваат дел од куќите.
Проблемите со водоснабдувањето не се само во Виница. Околу 45 насто се загубите на вода во Куманово, причина се честите дефекти на водоводната мрежа. Неопходна е ревитализација на пречистителната станица вели директорот на ЈКП.
Можат ли швајцарски франци и македонски денари во партнерство да ги решат локалните маки за да се оствари уставно загарантираното право? Со 7,5 милиони швајцарски франци ќе се модернизира водоводната мрежа, ќе се подобруваат водоводни услуги и ќе се намалуваат финансиските загуби во седумте јавни комунални претпријатија. Позитивниот ефект од пречистителните станици и потребата од поголема финансиска одржливост на овие претпријатија се причините поради кои Швајцарија ја продолжува финансиската поддршка.
60 насто од питката вода се губи поради лошата водоводна инфраструктура.
Александра Велинова
