Низа пропусти во работењето на ФЗОМ, утврдија ревизорите
И покрај бројните препораки изминатите години, ревизорите и во најновиот извештај утврдија низа пропусти во работењето на ФЗОМ...

И покрај бројните препораки изминатите години, ревизорите и во најновиот извештај утврдија низа пропусти во работењето на ФЗОМ. Во постапката за упатување за лекување во странство на осигурените лица постојат повеќе слабости и неправилности, односно не е обезбедена соодветна правна заштита на барателите и не е воспоставена контрола и систем на следење на успешноста на лекувањето во странство, за што од страна на фондот по овој основ се исплатени средства во износ од околу 5 милиони евра.
Фондот се јавува како тужена страна во 27 судски постапки во земјата во кои се бара плаќање на над 317 милиони денари, од кои 73 насто се однесуваат на постапки за плаќање на услуги над договорениот годишен надоместок.
Во текот на 2023 година по правосилни пресуди Фондот има исплатено речиси осум милиони денари на еден тужител. Фондот се јавува како тужена страна и во 12 постапки покренати од германска болница за наплата на нецелосно платени фактури за лекување на осигуреници на фондот со вкупна вредност од над 25 милиони денари.
Ревизорите утврдиле слабости и во функционирањето на ај-ти системот на фондот поради отсуство на стратегија, недостиг на кадар, застарена серверска структура и недоволна безбедност, коишто резултирале со кибернапад во февруари 2023 година што довело до нарушено функционирање на целиот здравствен систем во државата.
