Ден на жалост во Киев по масовниот руски напад
По масовниот руски напад врз главниот град, во кој загинаа 15, а повеќе од 130 лица беа ранети. Москва тврди дека руските трупи го освоиле Часов Јар. Украинските сили на терен велат дека ситуацијата во градот во регионот Донецк е непроменета...

Ден на жалост во Киев по масовниот руски напад врз главниот град, во кој загинаа 15, а повеќе од 130 лица беа ранети. Москва тврди дека руските трупи го освоиле Часов Јар. Украинските сили на терен велат дека ситуацијата во градот во регионот Донецк е непроменета.
„На фронтот, особено во правецот на Покровск, нашите единици сè уште ги држат своите позиции, таму се борбите најинтензивни. За Часов Јар – ова е руска дезинформација. Украинските единици ги бранат нашите позиции и ние на крајот го одбиваме секој руски обид за напредување во регионите Донецк, Суми и Харков“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина
Американскиот претседател со осуда за Русија и Путин во момент додека тече рокот за Москва да ја запре војната.
„Имаме околу осум дена. И да, ќе воведеме санкции. Не знам дали санкциите го вознемируваат. Не знам дали тоа има некаков ефект, но ќе го направиме тоа. Европа е исклучително вознемирена. Но, ова е војна што никогаш не требаше да се случи ако јас бев претседател, ова е војната на Бајден“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Ултиматум на Трамп се смета за досега најостра порака до рускиот претседател од страна на Вашингтон, што може да влијае врз текот на дипломатските напори во наредните денови. Досега Киев и Москва одржаа три рунди преговори.
